logo
logo
logo

„НЕ ВЕРУВАМ ДЕКА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА БРЗО ЌЕ ЗАВРШИ“, кажа Вучиќ : Со Зеленски не разговаравме за воена соработка

Vecer | 08.08.2026

„НЕ ВЕРУВАМ ДЕКА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА БРЗО ЌЕ ЗАВРШИ“, кажа Вучиќ : Со Зеленски не разговаравме за воена соработка

Српскиот претседател Александар Вучиќ не очекува брз крај на војната во Украина, а по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белград порача дека Србија и Украина не разговарале за воена соработка. Вучиќ ова го изјави одговарајќи на новинарски прашања, пренесе „Еуроњуз“.

„Ние денес не разговаравме за каква било воена соработка. Што ќе биде кога ќе заврши војната, тоа е друга работа. А што се однесува до убивањето, се надевам дека убивањето ќе престане“, рече Вучиќ.

Тој посочи дека една од доминантните теми во разговорите била европската интеграција на Украина и дека ја разбира желбата на Киев што е можно побрзо да ги отвори сите кластери и да стане членка на Европската Унија.

Сепак, Вучиќ рече дека во овој момент не гледа можност тоа реално брзо да се спроведе.

„Тие секогаш ќе најдат некого. За нас ќе најдат некои Хрвати, Бугари, Холанѓани, кого било. За Украинците ќе најдат некои други. Но, во овој момент не гледам можност тоа реално да се спроведе“, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека Србија нема да претставува пречка за украинскиот европски пат.

„Никогаш како земја нема да направиме проблем и никогаш нема да кажеме: ‘Прво примете нè нас, ние порано почнавме, немојте Украина’. Украина никогаш нема да има таков проблем“, рече Вучиќ.

Зеленски, одговарајќи на прашањата за помошта за Украина, рече дека на земјата и натаму ѝ се потребни значителни финансиски средства за производство на повеќе оружје преку домашната наменска индустрија.

„Украина нема време ниту за скептицизам“, рече Зеленски, додавајќи дека финансиската поддршка од Европската Унија е од суштинско значење за опстанокот на земјата.

Тој истакна дека средствата се неопходни за Украина да продолжи да се брани и дека мора секојдневно да се бори за секоја финансиска поддршка.

Зеленски повтори и дека Украина доследно го почитува територијалниот интегритет на Србија и дека ќе продолжи со таквиот став, заблагодарувајќи ѝ се на Србија за поддршката на територијалниот интегритет на Украина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk