logo
logo
logo

СТАРТУВА НА 23 СЕПТЕМВРИ: Хрватска воведува долгорочни визи за возачи од трети земји

Vecer | 21.09.2026

СТАРТУВА НА 23 СЕПТЕМВРИ: Хрватска воведува долгорочни визи за возачи од трети земји

Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска соопшти дека, почнувајќи од 23 септември 2026 година, ќе започне со примање барања за визи за долгорочен престој наменети за возачи на автобуси и камиони кои се државјани на трети земји ослободени од обврската за поседување виза за влез во Хрватска.

По пополнувањето на онлајн-барањето преку платформата за издавање визи и закажувањето термин, апликантите мора лично да го поднесат барањето, почнувајќи од 23 септември, во Амбасадата на Хрватска во Македонија или во некој од хрватските генерални конзулати во земјите каде се аплицира, во зависност од соодветната конзуларна надлежност.

Во почетниот период, сè додека системот целосно не се прилагоди, дневно ќе се прифаќаат најмногу 15 барања по локација; подоцна, бројот на барања постепено ќе се зголемува.

Барањата за виза може да се поднесат најрано два месеца, а најдоцна 30 дена пред планираниот почеток на патниот транспорт на стока или патници. Обработката на барањето може да трае до 45 дена.

Визата за долгорочен престој од типот Д овозможува влез во Хрватска исклучиво за целите на транспорт на стока и патници. Имателите на оваа виза не смеат да влегуваат на територијата на други земји-членки на Шенген-зоната.

Во случај на транспорт на патници или стока до други земји-членки на Шенген или при транзит низ Хрватска, возачите ќе бидат регистрирани во Системот за влез/излез на хрватската гранична полиција (EES – Entry/Exit System).

Во овој систем ќе се креира досие и ќе се пресметуваат деновите поминати во Шенген-зоната; максималното времетраење на престојот изнесува 90 дена во рамките на период од 180 дена.

Истиот принцип важи и за приватни посети.

Детален список на документацијата што мора да се приложи кон барањето ќе биде објавен на почетокот на следната недела на веб-страниците на Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска и на Амбасадата на Хрватска во Македонија, соопшти Министерството.

Од хрватски дипломатски извори е познато дека одлуката се однесува на сите земји од Западен Балкан и други земји на чии граѓани вообичаено не им треба виза за влез во Хрватска.

Одлуката е донесена со цел да се реши проблемот со кој се соочуваат превозниците од Западен Балкан по воведувањето на строг систем за дигитална контрола на границите на Европската Унија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk