Во тензична и вжештена атмосфера, во Хаг утринава се очекува судскиот епилог и изрекувањето на пресудата за поранешните лидери на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи, кои се товарат за грозоморни воени злосторства и злосторства против човечноста.
Градот е буквално под опсада откако од вчера во Хаг почнаа масовно да пристигнуваат радикални приврзаници од сите европски земји. Голем дел од нив ноќта ја минаа пред зградата на Судот, правејќи хаос, носејќи ги обележјата и знамињата на ОВК и скандирајќи „УЧК“, јавуваат медиумите од Приштина.
Полициските сили се на максимално ниво на борбена готовност, со засилено присуство во целиот град и десетици новинарски екипи насочени кон специјалниот суд. Според информациите од терен, во судницата се очекува присуство на семејствата на четворицата обвинети, бројни новинари, но и високи претставници од Приштина.
Потсетуваме, за оваа група која со години се соочува со тешки обвиненија за крвави злосторства, обвинителството побара строга и максимална казна од по 45 години затвор. Се чека одлука која ќе ја потресе целата политичка сцена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата