Српската полиција синоќа го активираше системот за итно известување „Најди ме“ по исчезнувањето на 14-годишната Божица Ајети во Обреновац, во близина на Белград. Системот првпат беше активиран во март 2024 година, кога исчезна двегодишната Данка Илиќ во близина на Бор.

„Најди ме“ е воведен во Србија во октомври 2023 година, по образецот на меѓународниот систем „Амбер алерт“ (Amber Alert). Неговата цел е во најкраток можен рок информациите за исчезнатото дете да стигнат до што поголем број граѓани, преку телевизиите, радијата, интернет-порталите, СМС-пораките и електронските екрани на јавните места.
Системот се активира само во посебни околности, меѓу кои и кога постои сомневање дека животот на исчезнатото дете е во опасност или дека детето е жртва на киднапирање.
Според Министерството за внатрешни работи на Србија, Божица исчезнала во понеделникот околу 11 часот, кога се оддалечила во непознат правец од основното училиште „Јован Јовановиќ Змај“ во Обреновац, објави хрватски „Индекс“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата