logo
logo
logo

Филмски фестивал во Венеција: Најдобра актерка е Пенелопе Круз, а „Златниот лав“ го доби Одри Диван

Vecer | 13.09.2021

Филмски фестивал во Венеција: Најдобра актерка е Пенелопе Круз, а „Златниот лав“ го доби Одри Диван

Француската режисерка Одри Диван, го освои „Златниот лав“ на 78. издание на Венецискиот филмски фестивал за филмот „Настан“, драма посветена на една млада девојка од 60-тите години на минатиот век, која се подготвува за абортус.

Претседателот на жирито, корејскиот оскаровец Бонг Јон-хо, рече дека победникот го избрале едногласно. „Настан“ ја освои и наградата на критиката – ФИПРЕСЦИ.

Пенелопе Круз освои награда за најдобра актерка за „Паралелни мајки“ на Педро Алмодовар, а најдобар актер е Филипинецот Џон Арчила во „На работа: Исчезнатите 8“. Италијанскиот автор Микеланџело Фрамартино освои Специјална награда на жирито за „Дупка“.

Паоло Сорентино освои „Сребрен лав“ за најдобар филм за „Божја рака“, а Филипо Скоти за најдобар млад актер за улогата во овој филм. Џејн Кемпион освои „Сребрен лав“ за најдобра режија за „Моќта на песот“. Меги Џиленхал е наградена за најдобро сценарио за нејзиното режисерско деби „Изгубената ќерка“.

Во селекцијата „Хоризонти“, светска премиера имаше и косовскиот филм „Вера сонува за морето“ на дебитантката Калтрина Красниќи, во кој копродуцент е и Македонија со „Дрим фектори“. „Вера сонува за морето“ освои две од паралелните награди на Венецискиот фестивал кои ги доделуваат други институции. Дебито на Красниќи ја освои специјалната награда „Валентина Педичини – авторки под 40 години“. Исто така, ја освои и наградата „Едипо Ре за инклузија“, што ја доделува Универзитетот во Падова и на филмот ќе му донесе кинодистрибуција во 5 италијански градови.

Во филмот главната улога ја игра макдонската актерка Теута Ајдини-Јегени, а игра и Рефет Абази. Сценариото е на Дорутина Баша, кинематографер е Севдије Кастрати, монтажер е Владимир Павловски, снимател на звук е Игор Поповски, композитор е Петрит Чеку, дизајнер на звук е Дарко Спасовски, а македонски продуцент е Огнен Антов

Диван е шеста жена која освоила „Златен лав“ досега. Пред неа се Клое Жао, која годинава беше членка на жирито, а лани победи со „Земја на номади“, Маргарета Фон Трота со „Маријане и Јулијане“, Ањес Варда со „Вагабонд“, Мира Наир со „Монсунска венчавка“ и Софија Копола со „Некаде“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk