logo
logo
logo

Со концертот „Бесмртна“: Бојана Скендеровски заокружи едно животно и уметничко поглавје

Vecer | 14.12.2025

Со концертот „Бесмртна“: Бојана Скендеровски заокружи едно животно и уметничко поглавје

Вчеравечер во Филхармонија не се одржа само концерт, вчеравечер се случи едно долго чекано признание... Признание на времето, на истрајноста и на сонот што тивко растел, цели 23 години. Бојана Скендеровски конечно ја отвори сцената што ја носела во себе со години и ја претвори во музичка исповед, чиста и искрена. Со првиот чекор на сцената беше јасно дека пред публиката не стои девојката од почетоците, туку жена која знае што значи да се остане верен на себе. Не настапуваше за да докаже, туку за да сподели. Не пееше за да импресионира, туку за да раскаже. И токму затоа, секој тон звучеше вистински.

Концертот симболично насловен „Бесмртна“ беше патување низ нејзината музичка меморија, од првите фестивалски победи, преку хитовите што обележаа едно време, до песните што денес ги носи.

Секоја нота имаше тежина, секој стих зрелост. Во тие песни се слушаа годините, но и љубовта што никогаш не згаснала. Музиката и пеењето беа во срцето на вечерта. Без наметнат спектакл, без врева. Само глас, врвен музички состав и чувство дека сè е на своето место. Музичарите беспрекорни и тивки сојузници на еден глас што знае кога да биде силен, а кога да шепоти.

Двете внимателно одбрани модни комбинации ја следеа емоцијата на концертот, а Бојана и во двете изданија елегантна, женствена и достоинствена. Секој детал беше дел од приказната, но никогаш поважен од музиката. Посебна топлина донесоа и гостите Ламбе Алабаковски, Миле Кузмановски и Сузана Спасовска, и тоа не само како колеги, туку како пријатели и сведоци на едно музичко патување. Нивните настапи беа чест, а не обврска. Поддршка, а не формалност.

„Возбудена сум, среќна и благодарна. Ова е нешто за што сонував долго време. Овој концерт е затворање на едно поглавје“, рече Бојана.

И да, „Бесмртна“ не е крај, туку нов почеток и потврда за тоа дека кога музиката се живее, а не се брза, таа останува.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk