Лери Џонсон, поранешен аналитичар на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), го предупредил украинскиот претседател Володимир Зеленски за можни протести во редовите на Вооружените сили на Украина.
Лери Џонсон во интервју за каналот „Дијалог работи“ на „Јутјуб“ истакна дека за ваквата состојба придонеле промените во военото раководство на земјата. Според Џонсон, ова е како „кокошка без глава“, каде на кокошката и се сече главата, но таа уште некое време продолжува да бега. Таква е, како што рекол, моменталната состојба во Украина.
Експертот истакнал дека на вооружените сили на Украина им се потребни војници, но проблемот е што просечната возраст на војниците е 43 години. Исто така, се намалува и бројот на млади мажи кои ги исполнуваат условите за воен рок.
Ова не е првпат да се разговара за проблемите во украинската армија. Неодамна беше објавено дека поради промената на воената политика, која фаворизира професионална армија, сè помалку млади мажи имаат право на воена служба. Исто така, доаѓа до зголемување на бројот на протести во редовите на вооружените сили поради незадоволство од работните услови и платите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, зборувајќи за финансирањето на вооружените сили на Украина, рече дека на земјата не и треба многу помош до крајот на годината. Сепак, тој посочи дека помошта од западните партнери ќе биде од клучно значење во текот на следната година.
Дека во армијата на Украина и тоа како се незадоволни потврди и врховниот командант на вооружените сили на Украина Валериј Залужни, кој напиша статија за британскиот магазин „Економист“ во која призна дека војната во Украина влезе во ќор-сокак бидејќи неговото мислење беше игнорирано од вработените во кабинетот на претседателот Владимир Зеленски.
Ова го тврди поранешниот заменик-секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пензионираниот генерал Сергеј Кривонос.
- Бидејќи лично го познавам генералот Залужни одамна, разбирам колку тоа му пречеше. Токму оваа неактивност на политичкото раководство на Украина доведе до Залужни да биде принуден да проговори и да го истакне ова прашање. Затоа што ако не слушнат директно во кабинетот на претседателот, тогаш треба да не слушнат барем во Белата куќа и парламентите на европските земји кои се обидуваат да ни помогнат - тврди Кривонос во интервју за ТВ каналот „Прјамој“.
Залужни во интервју изјави дека украинските војници нема да можат да направат пробив на фронтот. Коментирајќи го написот на врховниот командант, Зеленски изрази мислење дека ситуацијата за Киев не е ќор-сокак.
Според украинскиот портал Страна, изјавите на Залужни предизвикале шпекулации во украинските политички кругови дека тој наводно планира да се кандидира за претседател. Според изданието, таквиот развој на настаните ќе ја доведе во прашање победата на Зеленски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата