Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска повтори дека ставот на НАТО е дека „најдобро е да не се поставуваат ограничувања“ за испорака на вооружени системи за Украина и додаде дека на секоја поединечна земја-членка е да одлучи дали ќе дозволи користење на неговото оружје со голем дострел за напад на цели во Русија.
„Отсекогаш сум мислел дека е паметно да не зборуваме премногу за тоа што го правиме. Јасно е дека НАТО кажа и претходно, кога сојузниците снабдуваат системи со оружје на Украина, најдобро е да не се ставаат ограничувања за нив. Тоа е генерален став. Но зависи од сојузниците поединечно да одлучат што ќе прават“, им рече Руте на новинарите по пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, посветен на одбраната, одговарајќи на прашањето дали западното оружје со долг дострел треба да се користи за напади врз цели во Русија.
Тој додаде дека „моментално гледаме ескалација на војната“, бидејќи Русија во неа ја вклучи и Северна Кореја.
„Минатиот викенд видовме што се случи со нападот на Украина, кој беше масовен. Но, јас не навлегувам во тоа дали поединечните сојузници треба да дадат или не, или што прават. На нив останува да комуницираат ако сакаат да го направат тоа. Генерално, би рекол да не комуницираме претерано и да ги направиме нашите противници попаметни отколку што е потребно“, рече Руте.
Тој посочи дека денеска се одбележуваат 1.000 дена од војната во Украина и додаде дека за време на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ посветен на одбраната, ќе разговараат како да и се помогне на Украина да победи.
„Тоа значи повеќе помош, повеќе пари и мораме да им ја ставиме на располагање, особено сега кога Северна Кореја се вклучи и знаеме дека Кина ѝ помага на Русија во воените напори. Знаеме и дека Иран ја поддржува Русија во воените напори, како што знаеме, Путин мора да плати за ова“, рече Руте.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата