Контроверзниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за увоз на руски дизел во Соединетите Држави, пред изборите на средината на мандатот, се чини дека пропаѓа, а два танкера што првично се упатиле кон американскиот брег наеднаш го промениле курсот, пишува „Фајненшал тајмс“.
Промената на рутата доаѓа во момент кога состојбата со залихите на дизел во САД дополнително се влошува. Најновите податоци покажаа дека залихите паднале под 100 милиони барели, што се случува за првпат по повеќе од две децении. Овој недостиг би можел дополнително да го оптовари пазарот на горива, кој претставува една од клучните алки на американската економија.
Неколку недли пред изборите, Трамп постигна договор со рускиот претседател Владимир Путин за купување и увоз на пратки со дизел во САД, со цел да ги намали цените на бензинските пумпи и да придобие гласачи.
Овој потег не им донесе никаква корист на републиканците – во вторникот, демократските кандидати остварија убедливи победи ширум земјата и ја презедоа контролата врз двата дома на Конгресот.
Танкерите со руска нафта веќе не патуваат кон САД.
„Талисман“,руски танкер стар 20 години кој е под санкции од САД, Велика Британија и Европската унија, како и танкерот „Леру“ – кој е во сопственост на субјект од Хонгконг, плови под знамето на Сиера Леоне и е под санкции од Велика Британија, ЕУ и Канада – повеќе не ја наведуваат американската атлантска крајбрежна област како своја дестинација.
Во понеделникот, „Леру“ (Leroux) го промени својот сигнал и како нова дестинација го наведе Бразил, додека „Талисман“ (Talisman) се оддалечи од Атлантскиот Океан и се упати назад кон Средоземното Море, каде што моментално се наоѓа во близина на алжирскиот брег.
Овој брод емитува сигнал „чекање на наредби“, што значи дека за товарот сè уште нема потврден купувач или пристаниште за истовар.
Третиот танкер натоварен со руски дизел, бродот „Агиои Фанендес“ (Agioi Fanendes) во грчка сопственост, според податоците за пловидба, сè уште се упатува кон САД, но исто така емитува сигнал „чекање на наредби“.
Неговиот сопственик, компанијата „Истерн Медитеранеан Меритајм“ (Eastern Mediterranean Maritime), претходно за „Фајненшел тајмс“ (Financial Times) изјави дека бродот плови и чека наредби, бидејќи пристаништето за истовар сè уште не е потврдено.
Во средата, компанијата не одговори на новото барање за коментар. Од друга страна, „Бист“ (Beast) – танкер под санкции, регистриран на Сејшелите, кој товарот го презел на 27 октомври во руското пристаниште Приморск – исто така се упати кон САД и емитува сигнал „Атлантик“ (Atlantic), што укажува дека негова дестинација е атлантскиот брег на САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата