Американскиот долар се продаваше за околу 2,99 милиони ријали, во споредба со вчерашните 2,938 милиони, според податоците од страницата за следење на девизниот курс bon-bast.com. Страницата alanchand.com објави дека курсот на доларот изнесувал 2,997 милиони ријали, што е зголемување од 1,77 проценти.
Иран се соочува со една од најлошите инфлации во последните децении, поттикнати од деветмесечната војна, а особено со зголемувањето на цените на храната. Во јули, САД повторно воведоа поморска блокада на иранските пристаништа, а претходно овој месец беше објавена операцијата „Железна порта“, која треба да го ограничи транспортот на оружје и материјали под санкции по должината на границите на Иран и Каспиското Море. „Иранската економија тоне, а нивните лидери се во паника“, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент претходно оваа недела, по воведувањето на нови санкции насочени кон изолирање на Иран од глобалната економија и нарушување на тајните банкарски мрежи на Иран.
„Психолошките фактори влијаат и на пазарот“
Гувернерот на иранската централна банка, Абдолнасер Хемати, денес изјави дека Иран има доволно девизни резерви за основни стоки и лекови во наредните месеци, но додаде дека девизниот пазар е под влијание не само на економските фактори, туку и на психолошките фактори.
„Девизниот пазар е под влијание на бројни фактори, како што се економијата, очекувањата и политиката. Се обидуваме да го стабилизираме пазарот колку што можеме“, изјави Хемати за државната телевизија. Многу Иранци, барајќи безбедно засолниште за своите заштеди, купуваат долари, други постабилни валути или злато.
Потрошувачките цени во Иран во октомври беа за 88,7 проценти повисоки од претходната година, додека просечната годишна инфлација скокна на 76,8 проценти, според Иранскиот завод за статистика. Цените на храната и пијалоците се зголемија најмногу, за 112,6 проценти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата