Главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ) Филип Лејн предлага да се оданочуваат високите приходи и супердобивките на компаниите за да се финансира помошта за најсиромашните во услови на инфлација, а притоа да се избегне зголемување на јавниот долг.
„Од макроекономски причини, но и од правичност – бидејќи енергетскиот шок ги погодува луѓето преку рекордна инфлација, владите треба да ги поддржат домаќинствата и бизнисите кои најмногу страдаат“, рече членот на Управниот одбор на ЕЦБ, Лејн во интервју за австрискиот дневен весник „Der Standard“.
На прашањето дали дел од поддршката треба да се финансира со зголемување на даноците за богатите, Лејн предлага повисоки даноци за високите приходи или за индустриите и компаниите кои се многу профитабилни и покрај енергетскиот шок.
ЕЦБ се залага за целна државна помош за заштита на домаќинствата од ефектите на инфлацијата, што во понеделникот пред Европскиот парламент го повтори претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
Идејата за оданочување на најбогатите зема замав во еврозоната.
Шпанската влада сака да воведе привремен данок за најбогатиот еден процент од населението, со цел да финансира мерки за ублажување на влијанието на зголемената инфлација.
Франција не отиде толку далеку и се потпира на концептот на тарифен штит за да ги задржи растечките цени. Поделена околу прашањето за данокот на супердобивката, француската влада се надева дека ќе најде решение на европско ниво.
Велика Британија, која ја напушти Европската унија, минатиот петок објави план за трошење и огромни даночни намалувања, пренесе Индекс.хр.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата