logo
logo
logo

Ердоган до Путин: Важно е Турција и Русија да работат заедно за траен мир во Сирија

Vecer | 28.03.2025

Ердоган до Путин: Важно е Турција и Русија да работат заедно за траен мир во Сирија

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му посочил на рускиот лидер Владимир Путин дека Турција придава големо значење на соработката со Русија во однос на Сирија, соопшти во објава на Икс турското претседателство по нивниот телефонски разговор.

Ердоган нагласил дека е од клучно значење Анкара и Москва да работат заедно за постигнување траен мир и стабилност, базирани врз територијалниот интегритет на Сирија. Според него, двете земји можат заеднички да дејствуваат во елиминирањето на „обидите за поттикнување етнички и верски поделби кои го загрозуваат единството на Сирија“, како и за целосно укинување на санкциите против арапската држава.

Турскиот лидер истакнал дека ресурсите на Сирија треба да ѝ припаѓаат на сириската администрација, алудирајќи на богатите нафтени области на североистокот на земјата, каде што се базите на Сириските демократски сили (СДС), пренесува „Дејли Сабах“. Ердоган додал дека овие сили треба да бидат интегрирани во централната власт на Сирија.

Во разговорот со Путин, тој, исто така, посочил дека е од витално значење Сирија повеќе да не биде безбедно прибежиште за терористички организации.

Сириските демократски сили се доминирани од курдските милиции ЈПГ (YPG), кои Анкара ги смета за сириско крило на Курдската работничка партија (ПКК) и инсистира на нивно разоружување и распуштање.

Во фокусот на разговорот била и војната во Украина, при што Ердоган ја изразил подготвеноста на Турција да биде домаќин или да пружи секаква неопходна поддршка за преговори меѓу Русија и Украина за „чесен и траен мир“, соопшти турското претседателство. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk