Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја отфрли заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините за европските автомобили, предупредувајќи го Вашингтон да се држи до условите од трговскиот договор со Брисел.
Зборувајќи за прв пат по објавата на Трамп во петокот дека ќе воведе царини од 25 проценти за автомобили произведени во ЕУ, Фон дер Лајен изјави дека „договор си е договор“.
„Имаме договор, а суштината на овој договор е просперитет, заеднички правила и сигурност“,
рече таа за време на прес-конференцијата на самитот ЕУ-Ерменија во Ереван.
Таа додаде дека ЕУ е во „завршните фази на спроведување на преостанатите царински обврски“ и дека САД имаат обврска.
Таа, исто така, нагласи дека блокот е „подготвен за секое сценарио“.
За време на истата прес-конференција, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека лидерите на ЕУ „целосно ја поддржуваат“ реакцијата на Комисијата на најновата трговска закана на Трамп.
Најновите закани од Трамп за зголемување на царините за автомобили и камиони од Европската Унија на 25 отсто дојдоа во петокот. Тој тврдеше дека европскиот блок не го испочитувал во целост трговскиот договор постигнат со САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата