Копилотот на „флајдубаи“ (flydubai), кој минатата недела го нападна капетанот со секира за време на лет од Дубаи кон Израел, поминал неколку месеци на Нов Зеланд завршувајќи дел од својата летачка обука, потврди денеска новозеландската полиција.
Мажот престојувал на Нов Зеланд од ноември 2018 до мај 2019 година со шестмесечна студентска виза.
„Евиденцијата за имиграција покажува дека тој пристигнал на Нов Зеланд на 30 ноември 2018 година, а заминал на 23 мај 2019 година“, изјави за Ројтерс помошникот-комесар на новозеландската полиција, Мајкл Џонсон.
Полицијата потврди дека тој таму завршувал дел од својата летачка обука за компанија со седиште во Обединетото Кралство. Таа компанија повеќе не работи на Нов Зеланд. Новозеландската полиција сега ја прегледува документацијата и го истражува неговиот престој во земјата во тој период.
Капетанот нападнат со секира во пилотската кабина
Станува збор за копилотот на летот FZ1073 на „флајдубаи“, кој на 30 септември летал од Дубаи кон Тел Авив.
Јавното обвинителство на ОАЕ соопшти дека копилотот го нападнал капетанот во пилотската кабина со секира за итни случаи и се обидел да ја преземе контролата врз авионот. Властите на ОАЕ го третираат инцидентот како обид за терористички напад. Тешко повредениот капетан, Индиецот Смит Мачар, успеал да ја отвори вратата од пилотската кабина, по што луѓето во авионот го совладале копилотот. Авионот потоа безбедно бил пренасочен и слетал во Табук, Саудиска Арабија.
Истрагата за мотивот на нападот и можните врски на копилотот сè уште е во тек.
И Австралија ги истражува неговите врски
Повеќе извори го идентификуваа копилотот како државјанин на Оман, Хамам ал-Хамами. Сепак, властите на ОАЕ и „флајдубаи“ досега официјално не го објавија неговото име.
Австралиските власти исто така ја истражуваат неговата минатост. Заеднички тим за борба против тероризмот во Викторија, во кој учествуваат Австралиската федерална полиција, Полицијата на Викторија и разузнавачката служба АСИО (ASIO), ги истражува неговите врски со Австралија. Според австралискиот медиум ABC, на мажот му била издадена австралиска студентска виза во 2014 година и тој студирал во земјата во периодот од 2015 до 2017 година. Неговата виза била поништена во 2019 година бидејќи тој повеќе не бил запишан на студии, а не поради безбедносни причини или прашања поврзани со неговиот карактер.
Австралиските истражители исто така проверуваат дали тој стапил во контакт со лица или групи поврзани со екстремизам за време на престојот во таа земја.
Обединетите Арапски Емирати ја водат главната истрага за нападот, а тамошното обвинителство соопшти дека се испитуваат материјални и дигитални докази и се утврдуваат мотивот на осомничениот и неговите можни поврзаности.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата