Поточно, се работи за казна од 797,72 милиони евра, поради тоа што компанијата „практично на секој корисник на социјалната мрежа Фејсбук - сакал или не“, му ја наметнувала услугата „Фејсбук маркетплејс“. Според ЕК, ова значи наметнување нефер услови околу тргувањето за други даватели на услуги и доверливите информации.
Во суштина, рекламите што корисниците ги гледаат на Фејсбук се насочени и доаѓаат преку „Маркетплејс“, што ги изоставува сите можни конкуренти поради начинот на којшто таа платформа е поврзана со социјалната мрежа.
Истрагата на ЕК покажа дека „Мета“ е доминантна на пазарот за социјални мрежи, како и на националните пазари за прикажување реклами на интернет. Тоа и ја поттикна истрагата.
Висината на казната се одредува земајќи ги предвид „времетраењето и сериозноста на кршењето на правилата, како и сообраќајот на „Маркетплејс“ на којшто се однесува прекршувањето на прописите. Покрај казната, „Мета“ е задолжена „делотворно да го прекине спорното однесување и да се воздржи од повторување на прекршувањето на правилата“, како и од „преземање потези со слична цел или ефект“ во иднина.
„Мета“ не е задоволна од пресудата и веќе најави жалба на таа одлука.
„Целта е да се поттикнат подобри резултати за европските потрошувачи... Пазарот е создаден како одговор на барањата на потрошувачите. ЕК ја игнорира реалноста на пазарот ова ќе служи само за заштита на постоечките пазари од конкуренција. Реалноста е дека луѓето го користат 'Фејсбук маркетплејс' затоа што сакаат, а не затоа што мораат“, се вели, меѓу другото во соопштението на казнетата компанија.
Главниот и можеби најубедливиот аргумент на „Мета“, се чини, е тоа дека „корисниците на Фејсбук можат да изберат дали да се поврзат со 'Маркетплејс' или не“. Компанијата вели и оти не ги користи рекламните податоци на своите соперници за да се натпреварува против нив, бидејќи има системи и контроли за да го спречи тоа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата