Тензиите меѓу Анкара и Атина повторно се во фокусот, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган испрати остро предупредување до Грција поради вооружувањето на островите во источниот дел на Егејското Море. Ердоган порача дека Турција нема да дозволи, како што наведе, да бидат нарушени нејзините права и побара Атина да се откаже од таквите активности.
„Грција треба да знае дека Турција нема намера да ја присвојува територијата на која било друга земја, но Турција исто така нема намера да дозволи некој да ги нарушува нејзините права. Игнорирањето на меѓународните договори нема никому да му користи“, рече Ердоган орговарајќи на новинарски прашања.
Тој додаде дека Грција треба да го смени курсот и да престане да ги вооружува островите за кои Турција смета дека мора да останат демилитаризирани според Договорот од Лозана од 1923 година и Парискиот мировен договор од 1947 година.
„Секој што нашиот воздржан пристап, заснован на здрав разум, го толкува како слабост, прави голема грешка. Грција треба да го смени курсот и да престане да ги вооружува демилитаризираните острови. Историјата е добар водич за оние што можат да учат од минатото“, порача турскиот претседател.
Ердоган, сепак, истакна дека Турција сака подобри односи со Грција врз основа на добрососедство. „Отсекогаш сме биле искрени и конструктивни, но најчесто тоа не ни беше возвратено“, рече тој.
Двете земји и понатаму имаат сериозни несогласувања околу поморските граници во Егејското Море, како и околу прогласувањето морски паркови. Иако Ердоган и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во изминатите две години имаа неколку средби, клучните спорови меѓу Анкара и Атина остануваат нерешени.
Во меѓувреме, Грција и Израел потпишаа договор за одбрана вреден 3 милијарди евра, според кој Израел ќе изгради „повеќеслоен“ одбранбен систем за Грција. Дополнително, Грција ќе набави системи „Drone Dome“ за заштита на стратешки локации од дронови.
Анкара остро се спротивставува на израелската политика во регионот, а Ердоган претходно предупреди дека Турција би можела да биде следната цел на Израел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата