Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека било грешка што на Украина не ѝ било овозможено членство во НАТО во 2008 година, оценувајќи дека доколку Киев тогаш влезeл во Алијансата, руската инвазија веројатно можела да биде спречена. Говорејќи на заедничка прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Берлин, на новинарско прашање дали се согласува со францускиот претседател Емануел Макрон дека е време повторно да се отвори расправата за пристапување на Украина во Северноатлантскиот сојуз, Мерц порача дека гледано од денешна перспектива, одбивањето на американскиот предлог на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година претставувало погрешен чекор.
Ваквиот став на актуелниот шеф на германската влада е во директен контраст со политиката на поранешната канцеларка Ангела Меркел, која кон крајот на 2024 година ја бранеше својата одлука да го блокира патот на Украина кон НАТО во Букурешт, тврдејќи дека таа одлука била дефинитивно исправна и поткрепена со добри причини, вклучувајќи го и фактот што голем дел од украинското население во тој период се противело на членството во Алијансата. Истовремено, францускиот претседател Емануел Макрон по неодамнешниот самит на „Коалицијата на волните“ во Берлин јасно порача дека поради актуелната ситуација и непопустливиот став на Русија, сојузниците мора повторно да го отворат прашањето за приемот на Украина во НАТО.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата