Северна Кореја го претстави чет-ботот „Фонтаната на мудроста“, наречен „Систем за услуги 1.0“, на Националната изложба на информатички достигнувања во Пјонгјанг. Системот беше демонстриран како дел од годишниот настан што се одржа од 19 до 30 октомври 2026 година.
Според американскиот истражувачки центар 38 North, проектот е развиен од Институтот за технолошки истражувања на Универзитетот Ким Ил Сунг во Пјонгјанг, во соработка со трговската компанија Phurunhanul. Таа компанија е позната и по продажбата на паметни телефони во земјата.
На промотивниот материјал за системот, тој е претставен како домашно развиен генеративен модел. Терминот „наш стил“ најчесто се користи во Северна Кореја за производи што се претставени како локално создадени. Сепак, нема јасни информации за тоа дали земјата независно го развила и обучила својот јазичен модел, дали адаптирала модел со отворен код, дали изградила систем што пребарува одобрени извори или користи постоечка технологија со дополнителни поставки.
Телевизискиот пренос од изложбата покажува интерфејс сличен на другите модерни услуги за разговор. Неговата примарна цел е да одговара на прашања од областа на науката и технологијата, но демото сугерира дека може да се справи со поширок опсег на теми.
Сепак, неговата употреба е строго ограничена. На дното од екранот има известување дека се дозволени само прашања поврзани со науката и технологијата. Корисниците се предупредуваат да не поставуваат социо-политички или несоодветни прашања и дека лично ќе ги сносат последиците во случај на злонамерна употреба на услугата.
„Фонтана на мудроста“ беше воведен како прв ваков чатбот во земјата. Иако ваквите алатки веројатно не се широко достапни за просечните граѓани, севернокорејските групи кои се претставуваат како далечински ИТ работници веќе се поврзани со нивната употреба. Според достапните информации, тие користеле технологии за да се претстават како легитимни работници со цел да обезбедат приход за режимот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата