logo
logo
logo

Криста Пајк ЈА ПРЕЖИВЕА СМРТНАТА КАЗНА, неизвесно што следува

Vecer | 03.10.2026

Криста Пајк ЈА ПРЕЖИВЕА СМРТНАТА КАЗНА, неизвесно што следува

Откако го преживеа обидот за погубување со смртоносна инјекција, Криста Пајк сè уште е без свест, интубирана и приклучена на респиратор во болница во регионот на Нешвил, според последните информации од нејзините адвокати. Во средата, Пајк прими две дози пентобарбитал – лекот што Тенеси го користи за извршување на смртната казна, но не почина. Нејзините застапници наведуваат дека таа има сериозни повреди на двете раце, додека засега е неизвесно какви би можеле да бидат долгорочните последици, пишува Си-Ен-Ен.

Адвокатите вчера поднеле барање до судот со кое бараат од Одделот за корекции на Тенеси итно да ги зачува сите докази поврзани со неуспешната егзекуција, инсистирајќи на забрзано разгледување на случајот. Клучниот фокус е да се утврди што точно се случувало за време на постапката и зошто двете дози од лекот не довеле до смрт. Според сведоштвата на медиумите и одбраната, Пајк и по приемот на инјекцијата уште извесно време дишела и покажувала знаци на живот, по што постапката била прекината, а таа итно пренесена во болница. Од друга страна, надлежните тврдат дека постапиле во согласност со службениот протокол, кој не предвидува дополнителни чекори по аплицирањето на предвидените дози.

Проблеми со вените и неизвесна правна судбина

Одбраната нагласува дека судот уште пред извршувањето бил предупреден за проблемите со нејзините вени, кои ја отежнувале постапката. По неуспешниот чин, тие изнесоа обвинувања за пукање на вените, сомнителен квалитет на пентобарбитолот и недостаток на навремена итна медицинска помош. Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, по инцидентот го откажа последното планирано погубување во државата за 2026 година и нареди независна ревизија, што значи дека сите идни егзекуции се замрзнати додека не се расчистат околностите. Иако смртната казна не е автоматски укината, едно од главните правни прашања е дали државата воопшто има право повторно да се обиде да ја изврши казната.

Практиката познава слични преседан-случаи. Во 1946 година, Вили Франсис во Луизијана го преживеа погубувањето на електрична столица поради дефект на опремата, а Врховниот суд на САД подоцна го отфрли неговото барање дека повторното погубување претставува двојно казнување, по што тоа сепак било извршено. Слична судбина имаше и случајот со Ромел Брум во Охајо во 2009 година, чија егзекуција беше прекината бидејќи персоналот не успеа да му постави интравенски пат. Иако судот подоцна пресуди дека нов обид е дозволен, Брум во 2020 година почина од последици на ковид-19 во затворот, пред државата да ја реализира втората постапка.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk