Во катастрофалните поплави што ја погодија општината Мадригерас во шпанската покраина Албасете, загина 102-годишна жена, а пороите од вода однесоа сè пред себе и предизвикаа огромна штета, пренесуваат медиумите.
Жената била во семејниот дом во времето кога водата влегла во домот и таа не можела да стигне на безбедно место, потврдија регионалните власти на Кастиља-Ла Манча.
Поплавата започнала вчера попладне околу 18:15 часот, кога пороен дожд се спуштил на подрачјето на општината и траел речиси два часа без престан. Според првите мерења, повеќе од 140 литри дожд на квадратен метар наврнале во тој краток период.
Ситуацијата одеднаш се влошила кога пороите од блиските кањони и околните ридови почнале да се влеваат во населбата, по што улиците на Мадригерас биле целосно поплавени, а снимки од калливи порои како ги зафаќаат патиштата и влегуваат во куќите наскоро се проширија на социјалните мрежи.
La situación en Madrigueras (Albacete) es preocupante. Según el 112 de CLM había activado un aviso amarillo. Tampoco sabemos nada mas por fuentes oficiales porque las cuentas oficiales y @112clm siguen en silencio. https://t.co/nlJapEhJEY
— NoMePisesLaManguera (@PlinioElGuapo) October 2, 2026
Регионалната влада веднаш го активираше првото ниво на тревога од специјалниот план за заштита од поплави, а службите за итни случаи, пожарникарите и спасувачките екипи ја поминаа целата ноќ на терен помагајќи им на локалното население и расчистувајќи ги урнатините.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, исто така, го објави настанот на социјалната мрежа „Икс“, упатувајќи сочувство до семејството на починатата жена и велејќи дека обилните дождови предизвикале сериозни штети во неколку делови од земјата, апелирајќи до граѓаните да бидат исклучително внимателни и да ги следат упатствата на службите за итни случаи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата