logo
logo
logo

Пресуда што ја менува политичката игра во Франција

ЕЛЕКТРОНСКА АЛКА ЗА ЛЕ ПЕН - Вратата за изборите останува отворена?

Vecer | 07.07.2026

ЕЛЕКТРОНСКА АЛКА ЗА ЛЕ ПЕН - Вратата за изборите останува отворена?

Лидерката на француската екстремно десничарска партија „Национално собрание“ (РН), Марин Ле Пен, е осудена на три години затвор, од кои две години се условни, на парична казна од 100.000 евра, како и на забрана за вршење јавна функција во траење од 45 месеци, од кои 30 месеци се условни.

Ова значи дека на Ле Пен ѝ остануваат 15 месеци вистинска забрана за вршење јавна функција, додека остатокот од казната нема да се изврши доколку ги исполни условите од пресудата. Поради тоа, пресудата засега не ѝ ја затвора целосно можноста за кандидатура на претседателските избори во 2027 година.

Според одлуката на судот, Ле Пен една година од затворската казна ќе ја служи во куќен притвор со електронска алка. Пред изрекувањето на пресудата, таа изјави дека таквата мерка би можела да претставува пречка за нејзината политичка кариера и ја услови својата евентуална кандидатура со тоа да не биде осудена на носење електронска алка.

Доколку остане на тој став, одлуката за откажување од претседателската кандидатура би била нејзина лично, а не директна последица од судската забрана. Судот, со намалувањето на ефективната забрана за вршење јавна функција, ѝ ја остави можноста за кандидатура, но сега од неа зависи дали ќе се обиде да влезе во трката под овие услови.

По пресудата, Ле Пен најави обраќање до јавноста во вечерната информативна програма на телевизијата ТФ1 во 20 часот.

Партијата „Национално собрание“ (РН) како правно лице е казнета со два милиони евра. Од тој износ, еден милион евра е условно, а на партијата ѝ е наложено и одземање на дополнителен милион евра.

Марин Ле Пен ја сослуша пресудата без видлива реакција. Изрекувањето на казната беше дочекано со молк во судницата, по што рочиштето набрзо беше прекинато, пишува „Ле Монд“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk