УЛИЦИ ПРЕТВОРЕНИ ВО ЕЗЕРА И СООБРАЌАЕН КОЛАПС: Истанбул погоден од силно невреме и поплави

Vecer | 27.10.2026

УЛИЦИ ПРЕТВОРЕНИ ВО ЕЗЕРА И СООБРАЌАЕН КОЛАПС: Истанбул погоден од силно невреме и поплави

Силни врнежи од дожд денеска го погодија најголемиот град во Турција, Истанбул, каде што улиците се претворија во езера, а возилата останаа заглавени во поплавите.

Дождот што започна во Истанбул во текот на ноќта, утринава се интензивираше, пренесува „Си-ен-ен Турк“ (CNN Turk), додавајќи дека поради тоа има сообраќаен хаос во повеќе делови од градот.

Според мапата за сообраќајниот метеж на Општина Истанбул, заземеноста на сообраќајниците низ целиот град достигна 80 проценти. На азиската страна сообраќајниот метеж изнесуваше 89 проценти, а на европската страна 71 процент.

Како резултат на обилните врнежи од дожд, поплавен е подвозник во населбата Кајнарџа. На турските медиуми се појави видео на кое се гледа како дождовницата од улицата се излева во подвозникот како водопад. Екипите за итни случаи спасиле возач и дете кои останале заробени во автомобил во поплавениот подвозник.

„ТРТ Хабер“ (TRT Haber) известува дека поради бурата и обилните врнежи, водата во Босфорот се заматила и добила две бои поради нанесената кал.

Центарот за управување со кризи соопшти дека дуваат силни северни ветрови и дека температурата паднала за 12 степени.

Според податоците од утринава, најмногу дожд паднало во населбата Дарлик во Шиле, каде што се измерени 83,9 литри на квадратен метар.

Се очекува врнежите што го зафатија регионот на Босфорот да се интензивираат на европската страна на Истанбул во наредните часови, по што ќе престанат.

На терен се распоредени повеќе од 8.000 луѓе организирани во тимови, кои сè уште работат на санирање на последиците од бурата и невремето што го погодија Истанбул. Во акцијата се вклучени и речиси 2.400 возила.

На 14 октомври, во претходниот бран поплави предизвикани од обилни дождови во Истанбул, загинаа шест лица.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk