Што се случува - МОРНАРИЦАТА НА ПУТИН ИТНО НАСОЧЕНА КОН ГИБРАЛТАР

Vecer | 27.11.2026

Што се случува - МОРНАРИЦАТА НА ПУТИН ИТНО НАСОЧЕНА КОН ГИБРАЛТАР
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Три руски транспортни бродови, придружувани од воен брод на руската морнарица, се враќаат кон западниот дел на Средоземното Море, иако претходно со недели пловеа низ европските води за воопшто да стигнат до Медитеранот, пренесува италијанската новинска агенција „Нова“. Необичниот маневар го откриле независните истражувачи „Сонароу“ и „Геоинсајдер“, анализирајќи ги радарските снимки од европскиот сателит „Сентинел-1“ од 24 ноември, на кои се гледа дека руските бродови претходно неколку дена пловеле со невообичаено мала брзина покрај брегот на Тунис, за потоа целосно да го променат правецот на движење, а дополнително внимание привлекло и отсуството на рускиот воен танкер „Јељња“, кој претходно пловел во истиот конвој.

Промената на курсот е забележана само два дена по украинските напади врз руски бродови кај либиското пристаниште Бенгази на 22 ноември, во кои беа погодени руската корвета „Меркуриј“ и товарниот брод „Ангарa“, а според либиските власти загинаа и двајца либиски војници. Украинскиот портал „Милитарниј“ оценува дека најновиот маневар на конвојот предводен од фрегатата „Адмирал Головко“ би можел да укажува на промена на плановите на Москва за транспорт на воен товар низ Средоземјето, но истражувачите забележуваат дека бродовите почнале значително да успоруваат уште на 19 ноември, три дена пред нападот во Либија, поради што не може со сигурност да се потврди дали двата настани се директно поврзани.

Станува збор за таканаречени „Ро-Ро“ пловила наменети за транспорт на возила, тешка механизација и опрема, кои на почетокот на ноември испловиле од Балтијск во Калининградската област и преку Балтичкото Море и Ламанш пристигнале во Средоземјето. Сите три бродови се под американски санкции уште од мај 2022 година поради претходно превезување воен товар, а „Лејди Р“ и „Маја-1“ од јуни 2024 година се наоѓаат и на листата на санкции на Европската Унија, додека источна Либија во последните години доби сè поголемо значење за руската воена логистика и врските со африканските држави каде што се присутни руски сили.

Во меѓувреме, украинските напади кај Либија предизвикаа негодување и кај европските сојузници на Киев. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека Рим ги предупредил украинските власти оти нападот врз руските пловила во либиски води бил погрешен и дека војната не смее да се прошири на нови подрачја, пренесува „Ројтерс“, додека шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха во разговор со својот либиски колега уверувал дека операцијата кај Бенгази била насочена исклучиво против руските воени капацитети, а не против Либија. Москва засега јавно не ја образложи промената на курсот на конвојот, ниту е познато неговото крајно одредиште.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk