Танкер кој превезува над 66.000 барели гориво потона покрај брегот на Шпанија, при што едно лице го загуби животот, а шпанските власти ги активираа службите за следење на загадувањето.
Танкерот возел под знамето на Малта и превезувал околу 7000 тони дизел, а потонал во близина на брегот на островот Ибица. Во несреќата животот го загубило едно лице, а властите во Шпанија ги мобилизираа ресурсите за да го спречат ширењето на нафтената дамка во чувствителните медитерански води.
Бродот „Мед Емре“ пловел од јужното шпанско пристаниште Алхесирас кон Барселона кога потонал во раните утрински часови. Според податоците на компанијата за следење поморски податоци „Кплер“, пловилото превезувало околу 66.000 барели рафинирани нафтени деривати. Од вкупно 18 членови на екипажот, 17 биле извлечени живи, но едно лице подоцна им подлегнало на повредите в болница.
Шпанската влада го активираше државниот механизам за справување со поморско загадување. Иако владини извори за агенцијата АФП наведоа дека активирањето на протоколот не значи автоматски оти веќе е детектирано загадување на самиот брег, на терен веднаш беа испратени брод и авион на шпанската поморска спасувачка служба „Салваменто Маритимо“. Цивилната заштита побара и активирање на системот за набљудување на Земјата на Европската Унија, Коперникус, за да се обезбедат сателитски снимки од погодената област.
Експертот за поморска безбедност Емилио Родригез Дијаз од Универзитетот во Кадиз оцени дека областа погодена од излевањето е особено ранлива. Секое загадување што ќе навлезе во овие води може директно да влијае врз локалниот туризам и врз медитеранските морски треви.
Овие морски треви функционираат како главен резервоар на син јаглерод, заробувајќи го јаглерод диоксидот во длабоките слоеви на ризомите и седиментите, додека истовремено ги збогатуваат крајбрежните води со кислород. Затоплувањето на морињата предизвикано од климатските промени веќе го забрзува нивното изумирање, па излевањето гориво претставува дополнителен притисок врз овој екосистем.
Европската агенција за животна средина предупредува дека нафтените дамки тешко се чистат, траат долго и можат сериозно да ги загадат морските и крајбрежните живеалишта. Високата индустријализација на Средоземното Море, карактеристична по бројните пристаништа, рафинерии и петрохемиски постројки долж брегот, дополнително го зголемува ризикот од вакви еколошки инциденти.
И покрај сериозноста на ситуацијата, Родригез Дијаз ги отфрли споредбите со еколошката катастрофа на танкерот „Престиж“ од 2002 година, која важи за најтешка во историјата на Шпанија. Тогаш се излеаја повеќе од 60.000 тони мазут, загадувајќи илјадници километри од атлантскиот брег на Шпанија, Португалија и Франција.
„Мед Емре“ е модерен брод изграден во Турција во 2019 година, опремен со двоен труп. Таквата конструкција овозможува при евентуално протекување или судир да се поплави меѓупросторот помеѓу товарниот дел и надворешната обвивка, создавајќи заштитна бариера што спречува целиот товар директно да истече во морето.
Овој инцидент се случува речиси две години откако во декември 2024 година руски товарен брод под американски санкции потона во меѓународните води кај јужниот медитерански брег на Шпанија со 16 лица на бродот, од кои две никогаш не беа пронајдени. Шпанската влада претходно годинава во писмо до парламентот откри дека тој брод превезувал делови од два нуклеарни реактора слични на оние што се користат во подморници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата