Вистинска драма се случувала вчера во германскиот град Дортмунд кога српски државјанин пукал и ранил полицаец, по што се затворил во својот стан со своите три ќерки кои ги држел како заложници, објави германски „Билд“.
Според информациите од германските медиуми, утринава околу 3:30 часот осомничениот 51-годишник доброволно ја напуштил зградата и ѝ се предал на полицијата по што бил уапсен.
Полицијата потврди дека децата кои биле затворени во станот се безбедни и не се повредени.
Инцидентот започнал во вторникот вечерта кога сопругата на осомничениот повикала полиција и побарала помош. Откако полицајците стигнале во станбено-деловната зграда во Дортмунд, мажот, според наводите на полицијата, пукал кон еден од полициските службеници, по што се затворил во својот стан со своите деца на возраст од 7,10 и 12 години.
Полицаецот кој бил погоден претрпел полесни повреди бидејќи носел панцир.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата