Игор Стефановски – Иџе продолжува да пишува ново поглавје во својата богата европска автомобилистичка кариера.
На своето прво официјално натпреварување со новиот прототип, македонскиот ас забележа одличен резултат во Словенија, во конкуренција на европската автомобилистичка елита.
На трката во Илирска Бистрица, која е дел од Европскиот шампионат на ридски патеки, настапија 242 автомобилисти од Европа. Иџе првпат официјално се натпреваруваше со новиот Nova Proto NP01, болид со кој направи голем чекор во најмоќната и најпрестижната категорија на ридските трки.
За Стефановски ова беше вистински тест веднаш против најдобрите возачи во Европа. На стартот, покрај него, беа и имиња како Кевин и Себастиен Пети, Хосеба Ираола Ланзагорта и Петр Трнка, сите со моќни прототипи Nova Proto.
По настапот, Иџе на социјалните мрежи ја сподели својата импресија:
– „Трето место во генерален пласман во Словенија од 242 автомобилисти од цела Европа, на моето прво деби со новиот прототип. Ова е нешто што дава тежина на целата моја кариера.“
има особена тежина ако се има предвид дека Стефановски во Словенија не настапуваше со автомобил со кој има долгогодишно искуство, туку со целосно нова машина и во нова категорија. Уште пред трката беше најавувано дека неговото деби со Nova Proto ќе биде едно од најинтересните нешта на целиот викенд.
Трката во Илирска Бистрица, пак, има посебно место во европскиот календар. Станува збор за патека долга нешто повеќе од пет километри, а овогодишното издание е еден од последните настани во календарот на FIA Европскиот шампионат на ридски патеки за 2026 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата