logo
logo
logo

Една сосема поинаква новогодишна желба…

Vecer | 18.12.2022

Една сосема поинаква новогодишна желба…

Во ова време на прослави, ќе ви посакам нешто невообичаено. Мојата честитка доаѓа од едно место кое би сакала да го запознаете. Прочитајте ја и ако ви се допаѓа, споделете ја со другите. Би можеле со тоа да пратиме една порака, да создадеме еден круг на позитивност, која ќе ни служи како патоказ и влез во свет во кој би сакале да живееме.

Желба за тишина

Нема да ви посакам среќа, затоа што сите луѓе различно размислуваат за среќа. Наместо тоа, ќе ви посакам тишина, затоа што тишината е место каде што се создава среќата. Би сакала вашите сопствени желби да ве доведат до тишина.

Би можела да ви посакам мир (да, тоа ви го посакувам од дното на душата), но како ќе го добиете, ако не ја познавате тишината која се наоѓа во вас? Затоа ви посакувам да се сретнете со неа. Оваа година која е пред нас, нека ви донесе тишина во вашиот живот. Затоа што мирот ја следи тишината какошто утрото го следи сонцето.

Кога мојата желба ви можела да ви даде сила да ги совладате сите препреки и неволји кои ве очекуваат, силно би го посакала токму тоа. Но, никој не може да ви даде сила, освен ако сами не ја пронајдете. И таа се наоѓа во едно тивко место во вашата душа, место кое упорно го избегнувате. И затоа посакувам оваа година да го пронајдете тоа место. Кога ќе го направите тоа, вие ќе бидете непобедливи, а секоја препрека пред вас ќе биде само еден дел од вашите постигнувања.

Не ми паѓа на памет да ви посакам многу пари, затоа што тие никого не усреќиле. Наместо тоа, ви посакувам тишина во изобилство, затоа што тишината е место од кое извира се останато. Целиот универзум е создаден од тишина, па како тогаш вашите потреби покрај тоа би биле изоставени? Попрво барајте тишина, барајте тивок извор во самите себе, а се останато само ќе си дојде.

Би можела да ви посакам мудрост, затоа што тоа сигурно ви треба. Но и тоа нема да го направам, затоа што вашата мудрост доаѓа од тивкото средиште во вас. Не е возможно да се биде мудар, а да не се познава таа тишина. Попрво барајте ја неа, а вашата потрага самата по себе ќе биде знак дека мудроста ве пронашла вас.

Сакате радост и веселби? Ако ја скинете овошката, каква радост можете да очекувате во нејзините цвеќиња и плодови? Тишината во вас, тоа се вашите корени. Ви посакувам никогаш да не се одвоите од нив. Ви ја посакувам живата тишина: негувајте ја секој ден, па и вашите плодови ќе ја пеат песната на радоста.

Би било убаво кога би ви посакала здравје, но тоа е празна желба, ако вие самите не разбирате од каде доаѓа таа, истиот корен кој ги храни вашите постигнувања и ви носи радост, го храни и одржува вашето тело. Не си го правете себеси она што коренот не би го правел на гранките на своето дрво. Слушајте го вашето тело, затоа што тоа постојано ви шепнува зборови за здравје. Ви посакувам доволно тишина за да го слушнете тој шепот.

И на крај, најголемата од сите желби – желбата во вашето срце да живее љубов.

Можеби не сте забележиле, можеби ве збунив, но токму тоа ви го зборувам цело време! Што е љубовта, ако не нашиот најдлабок корен? За да љубите искрено и чисто, морате да ја познавате тишината на сопственото срце. Од неа, од длабочината на душата извираат среќата, мирот, силата, изобилството, мудроста, радоста и здравјето. Тој извор, таа тишина, тоа е љубовта на која се уште не сме и дале име.

Запомнете, љубовта, како и вистината, убавината и сочувството – немаат име, род, пол, раса и националност. Љубовта е сила која највеќе не спојува во тишина.

Поради тоа од се срце ви посакувам токму тоа – тишина.

Ако доволно ја познавате, од неа ќе израсне вашиот живот – токму таков каковшто го посакувате

Скопјанка, пред празници

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk