logo
logo
logo

ФОТОГАЛЕРИЈА | ЗАЕДНО БЕЗ БАРИЕРИ - Скопје доби нов дневен центар за лица со попреченост

Vecer | 14.08.2026

ФОТОГАЛЕРИЈА  | ЗАЕДНО БЕЗ БАРИЕРИ - Скопје доби нов дневен центар за лица со попреченост

Скопје денеска доби нов Дневен центар за лица со попреченост над 14 години, кој има за цел да обезбеди стручна и социјална поддршка за корисниците и нивните семејства. Центарот е отворен во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ), а на отворањето присуствуваа градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Новиот центар треба да им помогне на корисниците во секојдневното функционирање, но и да им го олесни секојдневието на нивните семејства и старатели.

Ѓорѓиевски порача дека создавањето реална еднаквост за сите граѓани е обврска на целото општество.

„Денес, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во просториите на МКЦ го отворивме Центарот за дневен престој за лица со попреченост од 14 години и нагоре. Ова е место во кое ќе има сигурност, грижа, разбирање и човечка топлина. Место во кое секој човек ќе биде прифатен таков каков што е, со своите способности, желби, потреби и потенцијали. Нашата обврска како општество не е само да зборуваме за еднаквост, туку да ја создадеме во реалниот живот. Во овој Центар, корисниците ќе добиваат психолошка и стручна поддршка, ќе учествуваат во едукативни, креативни и рекреативни активности, ќе развиваат практични и животни вештини, ќе се дружат, ќе комуницираат и чекор по чекор ќе ја градат својата самостојност и самодоверба. Но, овој Центар е важен и за нивните семејства. За родителите и старателите кои секој ден носат огромна љубов, грижа и одговорност, сакаме да бидеме вистинска поддршка. Да знаат дека нивните најмили се во сигурни раце, во средина во која се почитувани, заштитени и поттикнати да напредуваат. Никој не смее да се чувствува заборавен, оставен на страна или помалку вреден. Скопје мора да биде град кој ги штити своите луѓе. Град кој подава рака. Град во кој различностите не нè делат, туку нè прават похумани и посилни. Нашиот фокус нема да биде на ограничувањата, туку на можностите. На талентот и на способностите. На човекот! Овој Центар ќе биде многу повеќе од место за дневен престој. Ќе биде место за дружење, учење, развој, поддршка, пријателства и нови победи. Место каде секој човек ќе знае дека припаѓа. Затоа што Скопје е дом за сите. И наша должност е тој дом да биде сигурен, достоинствен и исполнет со грижа за секој негов човек“, порача Ѓорѓиевски.

Програмата во центарот ќе опфати психолошка поддршка, едукативни, креативни и рекреативни активности со цел зајакнување на самостојноста на корисниците.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk