Млад тракторист со трактор влегол директно во огнената линија за да помогне во спасувањето на селото Лознани во Пелагонија од големиот пожар што избувна синоќа. Александар Чепиговски од битолското село Ивањевци се вклучил во гаснењето и спречувањето на огнот да се прошири кон селото, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Во пожарот со изгореници бил повреден и еден човек.
„Да истакнам еден локален жител, храбар тракторист од село Ивањевци, Аце, кој со неговиот огромен трактор направи големо дело орајќи директно низ пожарната линија и гасејќи голем дел од пожарот кој загрозуваше еден дел од куќите во Лознани. Битката беше многу тешка“, рече Ангелов.
Пожарот од Лознани, кој се закануваше на населените места во регионот, синоќа беше ставен под контрола, а со навремената реакција на надлежните служби и со помошта од локалното население, куќите се спасени и нема уништени или оштетени семејни објекти.
Каква е моменталната состојба со пожарите?
Ангелов утрово посочи дека вчерашниот ден бил најтежок од аспект на пожари во населени места, бидејќи 40 биле на отворен простор, меѓу кои и два аларматни огнови.
Во Чашка огнот дошол до куќите, но по брзата реакцијата, пред сѐ на локалното население – била спречена катастрофа. Потоа брзо пристигнале и пожарникарите од Велес.
Најтешка ситуација била во Пелагонија, каде опожарени биле повеќе села.
„Во моментов, активни се најверојано шест, кои не загрозуваат населени места, ниту имаат можност да навлезат во квалитетна шума“, рече Ангелов.
Од Центарот за управување со кризи (ДУК) потврдија дека утрово до 07:30 часот се регистрирани вкупно 40 пожари на отворен простор, од кои активни се шест, под контрола се три, а изгаснати се 31 пожар.
Како активни се водат во општина Студеничани, Македонски Брод, кај Битола, Новаци, Крушево и Велес.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата