logo
logo
logo

Со диптихот „Федра – Антропологија на една желба“ се отвара сезоната на драмски театар

Vecer | 17.09.2026

Со диптихот „Федра – Антропологија на една желба“ се отвара сезоната на драмски театар

За два дена премиерно на сцената на драмски ќе се изведе диптихот „Федра – Антропологија на една желба“, во режија на Дино Мустафиќ. Во една театарска вечер се спојуваат представи по делата „Федра“ на Жан Расин и „Љубовта на Федра“ на Сара Кејн. Со што се соочуваат две епохи, две драматургии и два радикално различни сценски света со истата човечка пукнатина а тоа е моментот кога желбата ја надвладува моќта на разумот.

По повод премиерата, режисерот, актерската и креативната екипа го претставија процесот во кој двете дела не се поставени како едноставна спротивставеност меѓу класиката и современоста. Мустафиќ ги чита како разговор и судир на две времиња: Расиновиот свет на ред, закони, чест и вина и светот на Сара Кејн, во кој тие цивилизациски конструкции веќе се распаѓаат, оставајќи ги телото, осаменоста и потребата да се биде покрај друг.

Во центарот на целиот диптих е првенката на Драмски театар Скопје, Јелена Жугиќ, која ја толкува Федра и кај Расин и кај Кејн, градејќи две радикално различни сценски лица на една иста жена. За Жугиќ, Федра повеќе не е митска фигура, туку современа жена, истовремено грешник и жртва. Кај Расин нејзината љубов е затворена во систем на вина, чест и самопрезир; кај Кејн таа стигнува до фиксација, телесност и брутално уништување. Она што ги спојува двете интерпретации, според Жугиќ, е судирот меѓу интимната потреба и општеството кое не знае што да прави со неа.

„Во двата текста самоубиството на Федра е нејзиниот последен обид да ја преземе контролата врз сопствениот наратив. Смртта станува чин на отворено противење поради неможноста нејзината љубов да биде прифатена и инкорпорирана во општеството. Крајно возбудливо беше да се работи еден ист лик во два комплетно различни текста со две различни идеи, кои се преклопуваат само во една точка: во општество кое се плаши од емоција, ликот на Федра станува субверзивен и политички некоректен“, констатира Жугиќ.

Во Расиновата „Федра“ ликот Тезеј го толкува првенецот на Драмски театар Скопје, Дејан Лилиќ. Неговиот Тезеј е човек заслепен од моќта, статусот и привидот на сопствената правичност, кој предоцна ја согледува празнината што ја создава отсуството на емпатија и љубов.

„Слепилото од сјајот на материјалното не ти дозволува да погледнеш подлабоко во суштината и содржината“, вели Лилиќ, а своето читање на ликот го доведува до една од наједноставните и најсурови констатации: „А ако љубов немаш, ништо не си“, поентира Лилиќ.

Наспроти дисциплината за морал и вина во Расиновиот свет, во „Љубовта на Федра“ напишана од Сара Кејн се навлегува во простор во кој цивилизациската фасада е веќе распукана. Таму Тезеј го толкува Александар Степанулески, кој своето прво актерско соочување со Сара Кејн го опишува како процес истовремено точен, прецизен и жесток, каков што е и самиот текст. Својот Тезеј го препознава како мошне современа фигура.

„Тезеј е прототип на ‘влијателник’ кој може да се сретне не само кај нас, туку низ целиот Балкан, така што од тој аспект инспирација воопшто не ми недостасуваше“, додаде Степанулески.

Освен гореспоменатите актерски имиња во представата „Федра“ од Жан Расин како Хиполит е Леонардо Лазов, Ариција - Ивана Павлаковиќ, Енона - Нина Елзесер, Терамант - Златко Митрески, Исмена - Јована Спасиќ и Панопа - Трајанка Илиева Вељиќ. Во онаа представа пак од Сара Кејн како Хиполит е Лазар Христов, Строфа - Ања Митиќ, како доктор и свештеник игра Дениз Абдула,Томислав Давидовски маж 1 и 2 , Марјан Наумов - полицаец и Гордана Ендровска - жена.

За овие две представи од драмски планираат да има уште најмалку две репризи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk