logo
logo
logo

Сменет генерал Арсовски, НА НЕГОВО МЕСТО - генерал БЕСНИК ЕМИНИ

Vecer | 04.06.2021

Сменет генерал Арсовски, НА НЕГОВО МЕСТО - генерал БЕСНИК ЕМИНИ

Согласно Правилото за воен протокол по предавањето на военото знаме е извршено примопредавање на должноста командант на КО, помеѓу генерал-мајор Павле Арсоски и бригаден генерал Бесник Емини.

Бригадниот генерал Емини досега ја извршуваше должноста командант на 1.пбр, а отсега ќе раководи со најголемата оперативна команда во Армијата на Република Македонија, додека генерал-мајор Павле Арсоски беше на оваа должност од мај 2018 година, а во понатамошниот период ќе ја извршува должноста советник на началникот на Генералштабот на Армијата за борбена готовност и операции.

Инаку, генералот Павле Арсовски е меѓу ретките генерали а и припадници на АРМ кој не го користи називот Северна  во името на Република Македонија. Пред некој ден пак, Артан Груби на социјалните мрежи се пофали дека за прв пат во историјата Албанец станал генерал во Армијата на Република Македонија објавувајќи слика од бригадниот генерал Бесник Емини.

На свеченоста пред стројот на припадниците на потчинетите единици со пригодни говори се обратиле началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, досегашниот и новопоставениот командант на КО.

– Генералот Ѓурчиновски, во своето обраќање на генералот Арсоски му оддаде признание за дадениот придонес и покажаното лидерство, посветеност и професионалност кои ги има вложено во оваа команда и му порача своето знаење и искуство да ги вгради на новата позиција, стои во соопштението.

Бригадниот генерал Бесник Емини во текот на воената кариера извршувал повеќе командантски и штабни должности, меѓу кои и командант на Ренџерскиот баталјон, како и началник на штаб во КО, а претходната должност, командант на 1.пбр ја извршуваше од 2019 година.

Согласно Указите, претходно, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец на ист начин се изврши примопредавање на должноста, командант на 1.пбр, помеѓу бригаден генерал Бесник Емини и полковник Сашко Лавчиски, кој доаѓа од местото началник на одделението за специјални операции во Генералштабот на Армијата, а претходно има извршувано штабни должности во Полкот за специјални операции, а беше и командант на Баталјонот за специјални операции.

Првата пешадиска бригада е најголема единица во Армијата, која е препознатлива по досегашните стекнати искуства во мировните операции, големиот број на вежбовни активности, високите резултати од НАТО оценувањата на единиците од нејзиниот состав, справувањето со предизвиците од миграциската криза и асистенција на институциите во справување со пандемијата предизвикана од „Ковид 19“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk