logo
logo
logo

Вечер Анализа

Што се крие зад уставните промени, и зошто ВМРО ДПМНЕ бара европски гаранции

Vecer | 19.08.2023

Што се крие зад уставните промени, и зошто ВМРО ДПМНЕ бара европски гаранции

Кој владее во Македонија, и дали власта има мандат за уставни и други измени со кои се доведуваат во прашање националниот и државен опстанок на Македонија, демократска држава на Македонците и сите граѓани кои живеат во неа? Што навистина се бара, а што се крие под радарот на дилемата дали да влезат Бугарите во Уставот?

По изборите во 2020 година во Собранието имаме: 41 пратеник од ВМРО ДПМНЕ, 31 пратеник од СДСМ. И тука имаме прецизен одговор – која партија победила на изборите во 2020 година, и која партија има најголем легитимитет кај граѓаните.

Оттаму, политички логично е таа партија да ја креира македонската политика и власт, особено за теми поврзани со националните и стратешки прашања за Македонија и, особено, за Македонците кои се доминантни гласачи на овие две партии.

Но, се случува спротивното. Власта ја презема оној што загубил на изборите, се работи за СДСМ, и тоа на начин кој во стартот генерира корупција, политичка неодговорност и ги загрозува националните позиции и стратегија на Македонците.

СДСМ создава позиција Македонците најмалку да учествуваат во креација и одбрана на своите национални интереси кога СДСМ, за да создаде непринципиелно мнозинство, во владата да владеат 50% Албанци и 50% Македонци, спротивно на бројот гласачи и етнички состав во државата. СДСМ, за да дојде до власт и покрај голем пораз на изборите мора, под секакви услови и “договори во четири очи“ да прифати коалиции со речиси сите албански партии во Мскедонија за да дојде до поддршка на 62-63 пратеници.

Не е проблем националноста на коалициските партнери, кои и да се. Проблем е нивната политика, особено онаа која јавно ја искажуваат. Нема партија на македонските Албанци која барем декларира дека постои и работи за интерес на сите граѓани на Македонија туку се тркаат која почесто и по радиклано ќе истакне дека “нивната политика е заштита на интерсите на Албанците“... а што е со интерсите на другите граѓани?

Вицепремеирот Артан Груби, шеф на ДУИ од сенка и втор по функција во врвот на владата, дури изјавува и дека “проблемот со Бугарија си е проблем на Македонците, а не на Албанците...“ додека преговорите со Бугарија ги води неговиот колега од ДУИ, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Кој е степенот на доверба во функционерите на ДУИ во процесот на бугарското вето и преговарањето за македонските национални интереси поврзани со условите од Бугарија со таква политика на ДУИ?

ДУИ по изборите имаше 15 пратеници во Собранието, по расколот сега имаат 12 пратеници од таа партија. Денес во владата имаат 5 министри (Груби, Османи, Бектеши, Бесими и Шакири), или еден министер на секои 3 пратеници.

Тие 15 пратеници на ДУИ, плус 31 од СДСМ по изборите, беа малку за мнозинство над 61 пратеник, па мораа да се побараат за сојуз и другите помали албански партии за да се дојде до мнозинство во собранието.

Условите за тие мали партии да влезат, кога се свесни дека без нив нема власт, се ценкање за “удели“ и свесно генерирање корупција и поништивање на резултатите од изборите кои, би требало, согласно поддршката кај гласачите да генерираат идна власт.

Партиите на македонските Албанци, без исклучок, постајно пребројуваат дали во државните институции има вработени Албанци согласно резултатите од пописот. Еве, да ја примениме нивната методологија на национална и политичка правичност во пребројување министри во Владата, најмоќната државна институција. Од 19 министри во владата, 9 се Албанци, или скоро 50% од министрите.

Оваа влада, како и минатата предводена од Зоран Заев, пред гласачите се колнеше во деца и слични патетики дека нема да се смени уставното име на Република Македонија, нема да има двојазичност на целата територија во Македонија и дека нем да има други услови за преговори со ЕУ после потпишувањето на преспанскиот договор за промена на уставното име на државата. Ниту едно од овие стратешки и национални интерси на Македонија не е исполнето онака како што пред избори е ветено. Напротив, се што е правено е спротивно на ветеното за да се добијат гласови.

Влезот во НАТО не е производ на политиката на СДСМ и ДУИ. Влезот во НАТО е децениска политика на владите од Љупчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Никола Груевски... значи, национален консензус кој никој не може да си го припише како само своја заслуга.

Сите зборуваме за влез на Бугарите во уставот, ни што под радаот на таа тема се случувало, и се случува. Што е големата слика, основниот мотив и крајните очекувања?

До август минатата година имаше спор кога Бугарија и наметна на Македонија услови за почеток на преговорите со ЕУ, и најава на вето ако не ги исполни. Содржината на тие услови беше откажување од историскиот процес на постоење на Македонците како нација, од автентичноста на македонскиот јазик, откажување од своите малцинства во Бугарија дефинирани уште со договорот од Блед по Втората светска војна кој сега никој не го спомнува, контрола врз содржината на македонските учебници и медиуми согалсно бугарските национални и политички интереси... за што во ЕУ имаше поделени ставови бидејќи вакви услови според европската пракса и демократски стандарди за повеќе држави од ЕУ беа неприфатливи. Го сметаа за монтиран билатерален спор на две држави.

И кога повеќето во Европа се почесто бараа бугарските услови да се класифицираат како одвоена тема од условите за преговори за влез на Македониај во ЕУ, ненадејно, од македонската влада почнаа во јавноста да излегуваат “пробни балони“ дека спорот од билатерален, помеѓу две држави, како француски предлог ќе стане предлог на ЕУ и, од тој момент, ние немаме проблем со Бугарија, туку – со ЕУ, што е сосема друго ниво и квалитет. Бугарија, формално, не е веќе дел од спорот и условите за преговори кои, иако европски, се содржина на бугарското вето.

Сами се откажавме од сопствените интереси, и од равмноправна позиција на преговори држава со друга држава, премиерот Ковачевски и, особено, министерот за надворешни работи Бујар Османи, прифатија да имаме спор со ЕУ, страна против која нема борба.

ЕУ има интерес за позицијата на Бугарија, особено што Бугарија е членка на НАТО со воени бази и сосед на Русија со која, индиректно, како сојузник и помагател на Украина ЕУ од 24 февруари 2022 е во прокси војна. Но, кој интерес е на македонската власт да сама си ги урне позициите во однос на бугарското вето и националните интереси.

Корупција. За ваквата услуга власта е наградена со замижување на ЕУ за корупцијата која, и од европските институции, е оценета како најголема во регионот.

Како национално мнознство во власта, во таква ситуација на компромитирана власт без контрола и без национална политика, со целосна контрола врз обвинителството и судството за да се гарантира безбедноста на корупцијата, ДУИ и помалите албански партии наметнаа и свои национални интереси – вградени во бугарското вето.

Со промена на уставот за внес на Бугарите во него бараат и двонационалност на државата, македонско-албанска држава која, потоа во суштина, станува на терен федерална. Јасно и гласно, тоа го радикализираше и албански пратеник во Собранието дека, ако не се смени Уставот, албанските општини сами ќе се организираат за ЕУ.

Ниедна албанска партија, ниту СДСМ, како ни ЕУ, не се оградија од оваа најава на пратеникот. Во документите ќе остане како тема изнесена во Парламентот за понатамошна доработка со закани и најави за федерализација во јавноста.

Сега немаме веќе проблем само со внес на Бугарите во Уставот, имаме уште поголем проблем со експлицитно барање за федерализација во државата. Кој е спремен да гласа за ова? Па секако сите партии на македонските Албанци што е нивни национален интерес, и СДСМ кој владее веќе седма година благодарејќи на нивната поддршка, а не преку победа на изборите.

Не е суштината во тоа дали Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав. Не е ни некој проблем. Во нашиот Устав се спомнати и националности кои немаат дефинирана матична држава како Власи и Роми, што е широка демократија во Македонија која не би била загрозена со спомнување на Бугарите во Уставот.

Проблем е се друго, освен упис на Бугари во Уставот. Условите за откажување од националниот идентитет, историскиот развој и постоење на нацијата, бугарска контрола врз учебниците и медиумите... тоа е веќе нешто друго. Најпосле, условот на партиите на македонските Албанци дека ќе гласаат за нов Устав ако се прифати дека државата е двонационална, а сите други се национални малцинства.

Затоа клучно е она што го бара ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски: Цврста европска гаранција дека преговори за влез во ЕУ ќе има без нови услови, освен влез на Бугари во Уставот. Таква гаранција не бара ниту СДСМ, ниту ДУИ. Не им е потребна. Колку повеќе услови и спорови има Македонија, толку повеќе и подолго на ЕУ ќе и требаат послушни извршители чија корупција ќе биде видлива за сите дома и во Европа, освен за ЕУ.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk