logo
logo
logo

СЕКОЈ ПЕТТИ ТИНЕЈЏЕР БИЛ СЕКСУАЛНО ВОЗНЕМИРУВАН ОНЛАЈН: УНИЦЕФ со сериозно предупредување

Vecer | 03.09.2026

СЕКОЈ ПЕТТИ ТИНЕЈЏЕР БИЛ СЕКСУАЛНО ВОЗНЕМИРУВАН ОНЛАЈН: УНИЦЕФ со сериозно предупредување

Новото истражување на УНИЦЕФ отвора сериозно прашање за безбедноста на децата и адолесцентите во дигиталниот простор. Податоците покажуваат дека секој петти адолесцент на возраст од 12 до 17 години во изминатите 12 месеци доживеал сексуално вознемирување или друг облик на сексуална злоупотреба на интернет. Во истражувањето биле опфатени околу 21.000 млади интернет-корисници од 21 држава, а особено загрижува податокот дека сторителите во многу случаи не се целосно непознати лица, со што се доведува во прашање распространетото мислење дека најголемата опасност доаѓа од анонимни профили.

Само 16 отсто од случаите биле поврзани со целосно непознати профили. Во дури 57 отсто од случаите, сторителот претходно му бил познат на детето или адолесцентот – како пријател, член на семејството или лице со кое жртвата била во романтична врска. Во дополнителни 27 отсто од случаите, жртвите не можеле да утврдат кој стоел зад профилот.

Од УНИЦЕФ предупредуваат дека злоупотребата често започнува како обичен разговор, кој постепено може да прерасне во притисок, присила и измама. Сторителите може да бидат и возрасни и малолетни лица, а во одредени случаи злоупотребата продолжува и надвор од интернет.

Социјалните мрежи се најчестото место каде што се случуваат ваквите случаи. Околу 60 отсто од нападите биле пријавени на големите платформи, меѓу кои „Фејсбук“, „Ватсап“, „Инстаграм“, „Снепчет“, „ТикТок“ и „Јутјуб“. Дополнително, 14 отсто од испитаниците ги посочиле онлајн видеоигрите, каде што корисниците често можат директно да комуницираат.

Особено загрижува фактот што голем дел од жртвите молчат. Дури 41 отсто од анкетираните не му кажале на никого што им се случило. Оние кои побарале помош најчесто прво разговарале со пријатели, браќа и сестри или со мајките.

Во најновото издание на истражувањето се вклучени и податоци од Северна Македонија, Црна Гора и Србија, покрај резултатите од Ерменија, Бразил, Колумбија, Доминиканската Република, Мексико и Пакистан. Дел од податоците од други земји биле собрани во 2020 и 2021 година.

Наодите се совпаѓаат со други меѓународни истражувања. Истражувањето „EU Kids Online“ од 2020 година покажало дека 22 отсто од испитаниците во 19 европски земји добиле пораки со сексуализирана содржина. Во САД, пак, истражување од 2022 година покажало дека 17 отсто од младите на возраст од 13 до 17 години добиле експлицитни фотографии без нивна согласност.

УНИЦЕФ ги повикува владите и технолошките компании да преземат конкретни мерки за заштита на малолетниците. Меѓу препораките се побезбедно дизајнирање на дигиталните платформи, подобра заштита на приватноста, зајакнување на законската рамка и воспоставување сигурни механизми за пријавување и поддршка на жртвите.

Извештајот доаѓа во време кога повеќе држави веќе размислуваат за ограничување на пристапот на малолетниците до социјалните мрежи. Австралија во декември 2025 година воведе старосна граница од 16 години, додека Велика Британија планира слична мерка од 2027 година. Во Германија се разгледува модел со старосни ограничувања, проверка на возраста и дополнителни обврски за платформите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk