logo
logo
logo

Тоа е однос меѓу неа и меѓу луѓето на кои им треба човечки збор, збор на мајка

Претседателката одби да зборува за контактите со семејствата на жртвите и повредените од Кочани (ВИДЕО)

Vecer | 27.03.2025

Претседателката одби да зборува за контактите со семејствата на жртвите и повредените од Кочани (ВИДЕО)

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова вечерва во донаторска емисија на Канал 5 одби да зборува за средбите со семејствата на жртвите и повредените од Кочани.

Сиљановска Давкова која покрај краткото интервју учествуваше и во телефонска комуникација со граѓани кои донираа за жртвите од Кочани остана доследна на ставот да молчи за сите контакти со семејствата на жртвите и повредените од трагедијата.

Запрашана дали изразила сочувство до семејствата на загинатите и дали ги контактирала, таа рече дека не сака да одговара на тоа, но индиректно потврди дека била во Кочани, во сите болници, се среќавала со поведени, но дека не сака тоа да се знае во јавноста.

Сиљановска Давкова во емисијата порача дека не смее да се дозволи да се повтори трагедијата од Кочани.

,,Да престанеме со импровизации, да градиме стандарди, да не бидеме специфични, да не бидеме оригинални, во демократија оригиналност не е потребна, предвреме да се подготвиме, не секогаш постфестум да реагираме, да учиме уште од градинка како да се однесуваме кон заканите, кон катастрофите. Така ќе бидеме подготвени”, рече претседателката на донаторската вечер на Канал 5 за семејствата на настраданите од трагедијата во Кочани.

„Мојата порака е да ги оставиме конфликтите, недоразбирањата, уште малку да се воздржиме за да ги решиме овие најголеми проблеми што се појавуваат, да сториме сè за да не дозволиме вакво нешто повторно да се случи, да извлечеме поуки за функционалното, нефункционалното, да градиме здрав систем, функционален. Не е важно кој ќе биде на власт. Мојата порака е да ја санционираме неодговорноста секогаш кога треба, да ги инспирираме младите, да ги задржиме, да возвратиме на помошта со помош, да изградиме подобар свет и дома и во соседството и надвор“, порача претседателката пред да седне на масата каде имаше телефонски јавувања со граѓани кои донираа за семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани што се случи на 16 март и во кој загинаа 59 лица, а беа повредени речиси 200 луѓе.

Сиљановска Давкова рече дека во тагата, во несреќата ние се концентрираме на најважните предизвици, а тоа покажува дека она за што се расправаме е споредно и дека ако се однесуваме како луѓе, човечки ќе ги решаваме сите работи.

,,Да престанеме со импровизации, да градиме стандарди, да не бидеме специфични, да не бидеме оригинални, во демократија оригиналност не е потребна, предвреме да се подготвиме, не секогаш постфестум да реагираме, да учиме уште од градинка како да се однесуваме кон заканите, кон катастрофите. Така ќе бидеме подготвени. Никогаш нема да прежалам дека во мој мандат се случило ова. Тоа е не само моја политичка и лична траума, тоа е национална траума”, посочи претседателката.

Сиљановска Давкова оцени дека она што ја изненадило била меѓусоседската и европската солидарност, но исто така дека и домашниот одговор бил соодветен.

,,Би сакала на сите да ви се заблагодарам за човечкиот однос. Мислам дека нашите новинари деновиве, особено во оној ужасен ден на закопот се однесуваа достоинствено, мислам дека и политичките партии се однесуваа достоинствено, мислам дека луѓето се однесуваа достоинствено и децата се однесуваа возрасно”, рече претседателката за реакциите од јавноста во Македонија.

Таа зборувајќи дека не сака да зборува за контактите со семејствата на жртвите и со повредените вели дека тоа е однос меѓу неа и меѓу луѓето на кои им треба човечки збор, збор на мајка, а статусот претседател нема никаква врска.

Според неа најдобрата работа што ја направил државниот врв е одлуката е многу поведени да заминат надвор.

,,Тоа беше постигнато уште утрото со лекарите заедно кога од сите страни веќе доаѓаа повредени и кога ние сфативме дека многу подобро е да ги убедиме луѓето да заминат надвор бидејќи ни најголема држава не може да се справи со ваков проблем, а не ние”, рече Сиљановска Давкова.

ТВ Канал 5 вечерва организира донаторска вечер со телефински јавувања, на која покрај претседателката, учество земаа премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, лидерот на СДСМ Венко Филипче, министри, претставници на политички партии, луѓе од јавниот и општествениот живот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk