logo
logo
logo

МАНУ не сака да биде „Северна“, Заев натеран да се повлече!

Vecer | 25.02.2021

МАНУ не сака да биде „Северна“, Заев натеран да се повлече!

Македонската академија на науките и уметностите му кажа НЕ на Договорот од Преспа, односно НЕ за менување на придавката „македонска“. Највисоката научна институција одби да го смени името и во него да ја стави насино инсталираната кованица Северна. Откако дознале дека во Собранието веќе е доставен предлог за промена на називот, академиците писмено се обратиле до законодавниот дом и Владата и барале законот да биде повлечен.

За изненадување, од Собранието добиле потврден одговор, односно дека законот ќе биде повлечен. Ова го потврдил претседателот на Академијата, Љупчо Коцарев.

„Ние пративме официјално барање до Собранието и Владата со кое посочивме дека сакаме да се повлече законот за промена на името на МАНУ. Вчера добивме известување од парламентот дека предлог законот ќе биде повлечен“, изјавил претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.

Коцарев вели дека не биле наведени причините зошто Собранието одлучило да го повлече предлог законот, кој инаку бил доставен од Владата. МАНУ е првата државна институција која и официјално се спротивстави на промена на името и одби да го додаде зборот Северна. Неофицијално, од сите академици, само академикот Беџети се согласил на промената, а оваа нефоцијална информација предизвикува изненадување бидејќи членови на МАНУ се и Таки Фити, Владо Камбовски и други кои досега немаат ни збор кажано за кататрсофата со Преспанскиот договор.

Оттука, ваквиот став на МАНУ, иако за многумина е изненадување, сепак како да се насетуваше по говорот на нејзиниот претседател Коцарев по повод годишното собрание на институцијата, но инпо неколкуте негови интервјуа во изминатиот период. Тој освен што најави дека можеби треба да се направи ревизија на договорот од Преспа и тој со Бугарија, остро се спротивстави на ставот на Заев и Владата за забрана на термините Република Македонија, Македонија или македонска.

„Впечаток е дека состојбата, во која се наоѓаат денес многу институции и граѓани на Македонија, поради користењето на името Македонија и придавките што произлегуваат од тоа име, е грда, непријатна, одвратна, застрашувачка. Што ни останува нам? Се надевам дека нема да дозволиме, во 21 век, Библијата да биде цензурирана. Но, не само тоа. Се залагам за достоинствена иднина на сите, па така и на Македонците“, напиша Коцарев.

Како што е познато, власта во изминативе години набрзина ги промени имињата на речиси сите институции во сите области. По ваквиот потег засега е нејасно дали и други институции би можеле да го следат нејзиниот чекор.

Последен пат се шпекулираше дека МАНУ ќе го промени името во 2019 согласно договорот од Нивици, но академијата, благодарени ан Коцарев, пред него на Маџунков и други како нив, се чини ги издржа притисоците и остана доследна на принципите за зачувување на својот препознатлив идентитет.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk