logo
logo
logo

МАКЕДОНСКИТЕ УМЕТНИЦИ НЕМА ДА ОДАТ ВО БУГАРИЈА, нема да оди ни државниот врв на настанот под покровителство на Радев

Vecer | 30.01.2025

МАКЕДОНСКИТЕ УМЕТНИЦИ НЕМА ДА ОДАТ ВО БУГАРИЈА, нема да оди ни државниот врв на настанот под покровителство на Радев

Ништо од најавеното заедничко чествување на роденденот на Гоце Делчев во Софија. Под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев, а во организација на Меѓународната фондација за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“ од Бугарија, на 4 февруари во Софија требаше да се одржи заедничко чествување на 153-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Планиран беше заеднички свечен концерт со класична музика и поезија. Учесниците од Македонија го откажаа учеството, објави МКД.

Пред повеќе од една недела уметниците Валентина Божиновска и Илина Митревска добија покана за учество на овој свечен концерт. Божиновска требаше да рецитира поезија, а Митревска, сопран, требаше да биде дел од концертот на Софискиот симфониски оркестар.

Во изјавата за МКД.мк Божиновска вели дека од организаторот добиле информација дека на концертот ќе учествуваат и официјални македонски претставници и дека со задоволство ја прифатиле поканата.

„Требаше да се одржи културен настан меѓу двете држави, на кој требаше да бидат присутни и официјални претставници од Македонија. Нешто слично како што беше и гостувањето на МОБ во Софија. Откако дознавме дека никој од официјалните претставници на Македонија нема да дојде, решивме да го откажеме нашето присуство. Ние остануваме со нашиот народ и за тоа ги известивме и организаторите“, вели Божиновска во изјавата за МКД.мк.

Од фондацијата веќе и официјално го најавија настанот со информација дека на концертот ќе учествуваат Илина Митревска – сопран од Македонија, Нели Динева – сопран од Бугарија, Валентина Божиновска – поезија од Македонија, Елисавета Шапкарева – поезија од Бугарија, Љупка Биаџони-Гутенберг – диригентка од Германија и Софискиот симфониски оркестар. На концертот биле поканети членови на националните собранија на Бугарија и Македонија, како и на бугарската и на македонската влада, и претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова.

Од македонската влада велат дека до нив не пристигнало официјално барање за заедничко чествување и дека такво нешто не е предвидено. Агендата на премиерот Христијан Мицкоски веќе одамна била утврдена и тој на 4 февруари ќе ја предводи владината делегација што ќе оддаде почит на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас во Скопје.

Претседателката Сиљановска, по повод роденденот, на 4 февруари ќе биде во Штип на заеднички активности на универзитетот „Гоце Делчев“.

И неколку македонски пратеници и одговориле дека таква покана до денеска не добиле.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk