logo
logo
logo

ИСТОТО ГО ПРАВЕА СО ТАМАРА, МАРТИН, СЕГА СО КОЧАНИ, претходно со Фросина, ама семејството реагираше

Vecer | 29.03.2025

ИСТОТО ГО ПРАВЕА СО ТАМАРА, МАРТИН, СЕГА СО КОЧАНИ, претходно со Фросина, ама семејството реагираше

На македонската јавност веќе ѝ се познати ваквите обиди за политички манипулации преку лични семејни трагедии. Во минатото, ваквите „независни активисти“ парите ги броеја во „Тамари“, искористувајќи ја најгрубо несреќната смрт на малечката велешанка Тамара Димовска и нејзината борба со болеста, пишува Република.

Како што се наведува претходно, се користеше убиството на младиот Мартин Нешковски, случај кој иако експресно беше решен од тогашните власти, подоцна се користеше за разгорување на страсти преку „бомбите“ кои не открија ништо ново, но беа поттик за насилните протести од Шарената револуција.

„Не можам веќе да молчам. Не можам да гледам како нашата трагедија, а денес и трагедијата на уште многу семејства со слична судбина на нашето – се користи, извртува, злоупотребува. Од едно семејство, денес станавме стотици. И сите сме ранливи. Сите полесни за манипулација. Системот не чини, тоа го знаеме сите. Но луѓето што го креираат тој систем од сенка нема да ни го решат проблемот. Нивната борба не е за нас. Ниту за вистината. Ниту за правдата.“

Ова е само дел од пораката на сестрата на загинатата Фросина Кулакова, Росица, која јавно ја обелодени манипулацијата што се врши преку протестите на таканаречената огранизација „Кој е следен?“.

Од еден искрен, спонтан и народен крик на болка, се појави нешто друго. Некој со болен ум, со туѓа трагедија реши да си прави профит. Така во јавноста се појави иницијативата „Кој е следен“, алармира Кулакова.

Таа хронолошки и без цензура, раскажа што точно се случуваше по убиството на нејзината сестра.

Пред да објаснам зошто се чувствуваме злоупотребени како семејство, морам да нагласам дека има чесни луѓе и во оваа иницијатива. Луѓе со добри намери. Ова не е критика до секој што беше дел од „Кој е следен“. Моите зборови се насочени кон организаторите. Не кон тие што ги гледавме со транспаренти, туку кон оние што секогаш се во сенките. Луѓето чии имиња не се појавуваат јавно, ама сите знаеме кои се. Тие што го “водат” протестот, а никогаш не одговараат за своите постапки, вели меѓудругото таа.

Нејзиниот татко, пак, Тодор Кулаков, побара од институциите да реагираат на овие манипулации од како што ги нарече „политичките некрофили“.

„Кој е следен?“ – продолжение на бедата на она што со години го живееме и растурениот систем на вредности… Политички глодари, политички некрофили… И дното е пробиено… Како семејство секогаш најостро ке реагираме кога некој ке се обиде да ја искористи нашата тага и смртта на ДЕТЕТО АНГЕЛ – ФРОСИНЧЕ. Исто и ке бараме начин како институционално да си превземат одговорност и да одговараат за вакви злодела, манипулации…, порача тој.

Од трагедијата на семејството Кулакови, истите сега ја користат трагедија со пожарот во кочанската дискотека.

Досега, 34 лица се осомничени и приведени во овој случај, меѓукои и поранешен министер, актуелен градоначалник, газда, вработени и секој што на некој начин придонел дискотеката на смртта да работи. За потсетување, за пожарот во тетовската модуларна болница, каде живи изгореа 14 лица, денес повторно започнува судски процес, но им се суди само на двајцата директори на болницата.

Сигурно е дека јавноста ќе ги препознае обидите за дестабилизација преку навидум невините протести на „Кој е следен?“ и тие ќе останат само на тоа – обиди.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk