Постепеното вклучување на земјите кандидати во стратешките сектори на Европската Унија, особено во енергетиката, транспортот и дигиталната сфера, уште пред формалното членство може значително да ја зајакне економската и геополитичката отпорност на Европа, оценува Секретаријатот на Енергетската заедница во најновата анализа „Интеграцијата пред проширувањето ја зајакнува енергетската безбедност на ЕУ“. Поздравувајќи ја рамката од годишниот пакет за проширување на Европската комисија, Секретаријатот посочува дека спојувањето на пазарите на електрична енергија на ЕУ и Енергетската заедница може да донесе годишни придобивки од околу 763 милиони евра според проценките на агенцијата ACER, а Македонија, Србија, Црна Гора и Молдавија веќе се во различни фази на проверка на усогласеноста, со можност веќе во 2027 година да добијат зелено светло за целосна интеграција во единствениот пазар на струја на Унијата.
Според Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), Западен Балкан до 2030 година има реален потенцијал да изгради повеќе од 13 гигавати економски исплатливи капацитети за производство на електрична енергија од ветер и сонце, при што интегрираните пазари ќе овозможат поконкурентни цени за потрошувачите и поголема сигурност за инвеститорите. На 30 ноември се очекува Министерскиот совет на Енергетската заедница да усвои и рамка за меѓусебно признавање на електронските гаранции за потекло, со што производителите на зелена енергија од земјите кандидати ќе добијат еднаков пристап до европските пазари и фондови.
Паралелно напредува и поврзувањето во гасниот сектор со цел намалување на зависноста од руските фосилни горива: од август 2026 година земјите членки на ЕУ применуваат заеднички технички правила на границите со договорните страни, на чие усогласување годинава работеа Македонија, Молдавија и Србија, додека преку приклучувањето на Македонија и Србија кон Вертикалниот гасен коридор во септември се очекува до 2028 година да биде воспоставена нова гасна рута од Грција, преку Македонија, до Србија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата