Поради одбележувањето на Задушница, утре во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим околу градските гробишта, поради очекуваниот зголемен број посетители и возила, информираат од МВР.
Околу гробиштата во Бутел уште од шест часот наутро ќе биде воспоставен еднонасочен кружен режим на движење со кој возилата што ќе се упатуваат кон гробиштата ќе се движат по главната улица „Бутелска“, потоа ќе свртуваат лево по улицата „Александар Урдаревски“, продолжуваат лево по „Боца Иванова“ и потоа десно кон влезот на гробиштата.
За излез од гробиштата, сообраќајот ќе се одвива по улицата „Боца Иванова“ до кружниот тек со „Бутелска“, по што возилата ќе продолжуваат по „Бутелска“ и ќе свртуваат десно кон улицата „Кемал Сејфула“ во Чаир.
Посебен сообраќаен режим ќе биде воведен и во околината на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да ги следат упатствата на полициските службеници и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација за да се избегнат застои и метежи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата