logo
logo
logo

ИДНИНАТА СЕ ГРАДИ ДОМА, А НЕ ВО СТРАНСТВО - Нова ера на партнерство меѓу Владата и стопанството!

Vecer | 03.07.2026

ИДНИНАТА СЕ ГРАДИ ДОМА, А НЕ ВО СТРАНСТВО - Нова ера на партнерство меѓу Владата и стопанството!

Главен приоритет на новите економски политики на Владата не се сувите статистички бројки и показатели, туку создавањето услови со кои македонските граѓани ќе живеат подобро, а младите ќе ја гледаат својата иднина во сопствената држава. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски за време на обраќањето на економскиот форум посветен на одржливоста и конкурентноста, нагласувајќи дека зад секој економски показател мора да стојат реални човечки приказни, нови фабрики, повисоки плати и млади луѓе кои одлучиле да останат дома.

- Наша обврска е да создадеме предвидлива деловна клима, ефикасни институции, модерна инфраструктура, квалитетно образование и регулаторна рамка што нема да ги кочи инвестициите, туку ќе ги поттикнува. И кога зборуваме за резултати, не зборуваме за бројки сами по себе. Зад секој економски показател стојат илјадници човечки приказни. Стои нечија нова работа. Стои новоотворена фабрика. Стои повисока плата. Стои семејство што полесно ги покрива месечните трошоци. Стои млад човек што одлучил својата иднина да ја гради овде - рече Мицкоски.

Според премиерот, клучот за остварување на оваа визија лежи во претворањето на одржливоста во предност за домашното стопанство. Во време на глобални кризи, војни и инфлациски притисоци, Македонија развива економски модел кој не подразбира само административно усогласување со европските еколошки стандарди, туку суштинска трансформација која создава сигурност и отпорност.

Мицкоски потенцираше дека компаниите што инвестираат во енергетска ефикасност, дигитализација и во своите вработени, ќе бидат лидери во економскиот развој и ќе отворат пазари за нови инвестиции. Во тој процес, Владата се позиционира како активен партнер на приватниот сектор, со обврска да обезбеди предвидлива деловна клима, модерна инфраструктура и квалитетно образование кое директно ќе ги поддржи иновациите и претприемништвото кај младата генерација.

Како доказ дека оваа стратегија веќе ги дава првите сериозни резултати, премиерот ги спореди минатите економски остварувања со сегашната динамика. Додека во периодот од 2017 до 2023 година просечниот економски раст изнесуваше скромни 1,8 проценти, новите политики донесоа економски раст од 3 проценти во 2024 година и 3,5 проценти во 2025 година, задржувајќи ја силната позитивна траекторија и во текот на оваа година. Истовремено, инфлацијата која во 2022 година изнесуваше драматични 14,2 проценти, денес е стабилизирана и сведена на значително пониски 4,8 проценти.

Најважниот економски показател сепак останува квалитетот на животот, заклучи Мицкоски, порачувајќи дека крајната цел на сите реформи е секое македонско семејство полесно да ги покрива месечните трошоци, а секој млад човек наместо куфер за иселување, да избере да основа своја компанија и да инвестира во својата татковина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk