logo
logo
logo

Гостивар не може сам, ВЛАДАТА ЌЕ СЕ АНГАЖИРА НА САНАЦИЈА НА ВОДОВОДОТ И ПОСЛЕДИЦИТЕ

Vecer | 22.07.2026

Гостивар не може сам, ВЛАДАТА ЌЕ СЕ АНГАЖИРА НА САНАЦИЈА НА ВОДОВОДОТ И ПОСЛЕДИЦИТЕ

Епидемијата на стомачни тегоби и болести поради инфицирана вода од градскиот водовод е толку голема што градот, општината, не може да се справи со санацијата и последиците и потребна е државна помош.

Во Гостивар е прогласена е 30-дневна кризна состојба откако 22 дена пумпи внесувале вода со фекалии во градскиот водоов, а целта е побрза координација на институциите, ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок, соопшти Владата.

Одлуката е донесена на денешната седница, по предлогот на Управувачкиот комитет во состав: министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за здравство Сашо Клековски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на Дирекција за заштита и спасување Стојанче Ангелов, како и надворешните членови, министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, директорот на Службата за општи и заедничи работи Ивица Томовски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов, директорката на Инспекторатот за животна средина Ивана Гиновска и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Очекуваме Јавното обвинителство да спроведе детална истрага и да го расчисти случајот, одговорност мора да има за секој што ги ставил во ризик здравјето и животите на гостиварчани“, додаваат од Владата.

Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага и побара триесетдневен притвор за директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ и за двајца раководители на сектори, кои се сомничат за тешки дела против животната средина и природата, беше соопштено на денешната прес-конференција во Гостивар, на која што присуствуваше државниот обвинител Ненад Савески.

Тројцата се товарат дека дале налог за поставување пумпи со кои непречистена вода се мешала со водата за пиење, што доведе до масовно заболување на граѓаните.

Пумпите биле поставени во надворешен канал, со цел да се зголеми притисокот на водата во водоводниот систем за Гостивар и околните села. Анализите од Институтот за јавно здравје покажале присуство на колиформни и фекални бактерии во водата земена од каналот и од преливната станица. Во внатрешноста на каптажата биле детектирани 39 колиформни бактерии, иако според стандардите, таа вредност мора да биде нула. Водата од чешмите кај крајните корисници не покажала присуство на бактерии, но имала зголемено ниво на хлор над дозволените граници.

Анализата откри водата е силно загадена оти има околу 48 пати повеќе колиформни бактерии од максимално дозволеното, а хлор 2,2 пати над максимално дозволената вредност од 0,5 мг/л, односно 3,7 до 5,5 пати над препорачаниот опсег од 0,2–0,3 мг/л утврден со важечкиот правилник.

Делото за кое се гонат тројцата осомничени предвидува затворска казна од најмалку четири години. Според Обвинителството, истражната постапка е во почетна фаза и допрва ќе се утврдува причинско-последичната врска помеѓу епидемијата и резултатите од анализираната вода. Доколку се најдат докази, истрагата може да се прошири и на други лица од претпријатието, општината или од други надлежни институции, вклучувајќи ги и оние кои имале законска обврска да ја контролираат исправноста на водата.

Постапката започнала по анонимна пријава од загрижени граѓани до полицијата. Лекарскиот третман на заболените се одвивал симптоматски и не зависел директно од резултатите од анализите на водата. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk