Известувачот на Европскиот Парламент за С.Македонија Томас Вајц, во интервјуто за „Вечер“ наведува дека она што ЕУ може да го направи е да ги исполни своите ветувања за Македонија и за цел Западен Балкан. Вели дека слуша гласини за нови избори, пред кои, како што напоменува Македонија има шанса да добие дополнителни средства од планот за раст ако го донесе кривичниот законик, платите на судиите, изборниот законик.
Потенцира дека очекува јасен нов модалитет за пристапните преговори. Вајц наведува дека сите земји-членки и пристапни земји имаат билатерални спорови, дури и Австрија, но тие треба да се решаваат на билатерално ниво. Многу е важно да создадеме пристапен процес кој не зависи од 100 или 150 едногласни одлуки, вели Вајц во интервјуто за „Вечер“.
ВЕЧЕР: Премиерот Мицкоски неодамна ја повика ЕУ да седне заедно со Македонија и Бугарија за да ги адресираат, не само уставните измени, туку и акцискиот план за малцинствата, како и сите останати билатерални прашања. Дали сметате дека ЕУ треба да има по активна улога во зближувањето на двете страни и да биде еден вид на медијатор?
- Апсолутно да, многу ја поздравувам оваа најава од премиерот Мицкоски, бидејќи ова е токму тоа што ни е потребно да го направиме. Потребно ни е двете страни да седнат и да разговараат меѓу себе и ЕУ е среќна и подготвена да го поддржи овој вид на дијалог. Двете страни треба да се согласат на тоа. Колку што знам тоа се уште се нема случено, но да се обидеме и исто така можеме да ја искористиме Ирската влада, ирската амбасада, исто така може да се искористи австриското МНР да помогне да имаме таков состанок и да ни помогне да го поддржиме тој дијалог, бидејќи ова е токму тоа што ни треба.
ВЕЧЕР: По вашите средби во Скопје, вклучувајќи ја и таа со Претседателката Сиљановска Давкова, дали гледате реален пат за деблокада на пристапниот процес на Македонија?
- Да, секако. Претседателката не беше толку подготвена да разговара за тој пат, ја знаете, таа е професорка по уставно право и во тоа поле сметам дека таа е голем експерт. Да, но не гледам дека таа стои на патот, напротив таа е исто така подготвена да помогне. Во нашите разговори не навлеговме во детали како тоа да се направи, но како и да е тоа е примарно улога на владата, да влезе во таков дијалог.
ВЕЧЕР: Како би го оцениле напредокот на Македонија во делот на реформската агенда споредено со останатите земји од западен Балкан? Дали гледате дека земјата се истакнува во регионот во делот на спроведување на реформите?
- Па, начинот на кој го поставивте прашањето би рекол дека да, земјата се истакнува во регионот. Повеќе од 50 проценти исполнетост е нешто, тоа е напредок. Фактот што другите земји направија помалку ја прави Македонија предводник и убеден сум дека вашиот парламент ќе успее да го донесе потребното законодавство за да се финализира процесот. Знаете, оваа реформска агенда и план за раст обезбедува финансиски средства за регионот и ако другите земји не ги користат средствата, тогаш тие се распределуваат кон другите земји. Македонија јасно има шанса да добие дополнителни средства со исполнување на потребните барања, како кривичниот законик, платите на судиите и исто така изборниот законик мора да биде донесен, особено пред изборите и слушам гласини дека можни се нови избори, можеби е така или не, но јасно е дека пред нови избори потребен ни е нов изборен законик.
ВЕЧЕР: Го споменавте кривичниот законик, тоа го споменавте и во вашето обраќање пред парламентот, борбата против корупцијата и криминалот. Колку е ова важно според вас за земјата да се придвижи напред?
- Ова е клучно за секое општество, корупцијата е како рак на општеството. Тоа спречува економски раст, ги спречува луѓето кои имаат добро образование да останат тука и да најдат работа. Тоа го извртува пазарот и всушност ако вашата земја сака да влезе на европскиот пазар, вашиот пазар треба да биде силен, а корупцијата го ослабнува пазарот и за жал ја ослабнува довербата кај населението во институциите. Довербата на населението и граѓаните во институциите е клучно за функционална демократска држава.
ВЕЧЕР: Вашата посета на Скопје доаѓа во пресрет на очекуваното објавување на новата стратегија на ЕУ за проширување. Што може Македонија, но и останатите земји од регионот да очекуваат од оваа стратегија?
- Ова е многу посебна ситуација бидејќи се уште нема проток на информации од таму и би можел само да шпекулирам врз основа на прашањата кои и јас ги поставувам и кои ги подготвуваме. Очекувам да има јасен предлог за нов модалитет како ги водиме пристапните преговори. Во моментот потребна ви е едногласност за сите меѓу чекори, тоа доаѓа од 100 до 150 меѓу за кои е потребна едногласност, и тоа е самото по себе покана за земјите да ја користат оваа ситуација за да решаваат билатерални прашања. Сите земји-членки и пристапни земји имаат билатерални спорови, дури и Австрија се уште има некои билатерални спорови. Но, тие треба да се решаваат на билатерално ниво и многу е важно да создадеме пристапен процес кој не зависи од 100 или 150 едногласни одлуки. Јасно е дека да почнеме преговори треба сите да се согласат на тоа, да примиме нова земја-членка потребна ни е едногласност, сите се согласни за тоа. Очекувам предлог кој ќе понуди многу редуцирано ниво на гласови со сите земји-членки, можеби по затворање на секој кластер. Ова е едно нешто, треба да има и патоказ за сите земји и очекувам патоказ и за Македонија, но да бидам фер, тоа треба да биде објавено на крајот на месецот и би можел само да шпекулирам.
ВЕЧЕР: И за крај, гледајќи ја Македонија, Србија, Косово и поширокиот регион на западен Балкан, како гледате на европскиот пат на регионот во овој момент и што треба да се направи поинакво за регионот да се придвижи напред?
- Измешано е и јасно е дека Црна Гора се движи забрзано кон ЕУ исто така и Албанија инвестира многу во реформи и тоа треба да биде признаено, значи има напредок, има напредок и тука во Македонија, но се уште треба да ги почнеме преговори и ако ги почнеме, процесот може да биде многу брз, вашата земја веќе направи многу реформски чекори низ годините. Мислам дека тоа што ЕУ може да го направи поинаку е дека мораме да бидеме свесни дека мораме да ги исполнуваме нашите ветувања. За жал се случи тоа што не можевме да ги исполниме нашите ветувања, не беше дека ЕУ се сврте за 180 степени туку тоа беа земји-членки. Но, ако сме ветиле нешто треба да се осигураме дека можеме да го испорачаме тоа. Во спротивно го оставаме фрустрирано населението со поддршка за ЕУ, а тоа не ни помага.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата