Вистинска драма се одвивала рано утринава во станбена зграда во скопската населба Кисела Вода, откако околу 5 часот избувнал пожар во приземниот дел од објектот, предизвикувајќи паника кај станарите кои во страв и чад масовно ги напуштале своите домови.
Според сведочењата на жителите, првите моменти биле проследени со силни детонации, густ чад и хаотични сцени додека полицијата и службите за итна интервенција тропале по вратите за евакуација.
„Беше како сцена од хорор филм. Се слушаа силни удари како нешто да експлодира. Не знаевме што се случува, само гледавме чад и трчавме надвор. Луѓето беа преплашени, особено семејствата со мали деца“, раскажуваат вознемирени станари.
Во моментите на паника, дел од родителите ги земале своите бебиња и деца во раце и по скалите се обидувале што побрзо да излезат од зградата. Некои од жителите успеале да се евакуираат буквално во пижами и боси, без можност да земат документи, телефони или други лични работи.
Станарите велат дека експлозиите се слушале и на повисоките катови, што дополнително ја засилило неизвесноста околу тоа колку е сериозна состојбата и дали огнот може да се прошири низ целата зграда.
По интервенцијата, објектот останал целосно без електрична енергија, а жителите стравуваат дека поправката на оштетената електрична инсталација може да трае подолг период, што дополнително ќе го отежни нивното секојдневие.
Особена вознемиреност кај жителите предизвикува фактот што во приземниот дел на зградата функционира игротека во која секојдневно престојуваат голем број деца.
„Среќа што ова се случи во раните утрински часови кога таму немаше никој. Не сакаме ни да помислиме што можеше да се случи ако пожарот избувнеше преку ден“, велат станарите.
Полициски екипи и надлежните служби од утрово вршат увид на местото на настанот со цел да се утврдат причините за пожарот, додека жителите бараат целосна истрага, утврдување на евентуална одговорност и што побрза санација за зградата повторно да биде ставена во нормална функција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата