logo
logo
logo

„Чувствувате ли вина, зошто се вративте?“

Заврши распитот на Груби во Обвинителство, ЌЕ БИДЕ ИЗВЕДЕН ПРЕД СУДИЈА (ВИДЕО)

Vecer | 23.02.2026

Заврши распитот на Груби во Обвинителство, ЌЕ БИДЕ ИЗВЕДЕН ПРЕД СУДИЈА (ВИДЕО)

Заврши распитот на поранешниот вицепремиер Артан Груби во Обвинителство, по што тој вечерва беше спроведен во Кривичен суд, каде што ќе биде изведен пред судија на претходна постапка.

Се очекува тој да биде сослушан пред судија на претходна постапка, кој ќе одлучува за мерките што ќе бидат определени против него.

Од Обвинителството засега нема официјална информација дали ќе се инсистира на ефективен притвор или ќе се предложи поблага мерка, имајќи предвид дека Груби сам се врати во државата и истрагата е веќе завршена.

Поранешниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Груби, осомничен за проневера во „Државна лотарија“, денеска беше уапсен на граничниот премин „Блаце“ и сместен во притворското одделение во Шуто Оризари, по што беше спроведен на распит во Обвинителството.

Заедно со поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, Груби беше осомничен за криминал од осум милиони евра за нарачка на ВЛТ-апарати.

Постапката беше отворена по одлуката на Стејт департмент на САД да го стави на „црната листа“, поради основани сомнежи за вмешаност во коруптивни дејствија и влијание врз судски предмети поврзани со поранешниот директор на тајните служби, Сашо Мијалков. 

Груби се бараше со меѓународна потерница, а му беше определен 30-дневен притвор во отсуство.

Истрагата за „Државна лотарија“, како што соопшти поранешниот државен јавен обвинител, е завршена и се чекаше екстрадицијата на Груби.

Тој не даде никаква изјава ниту одговори на новинарските прашања, и покрај интересот на медиумите за причините за неговото враќање во земјата и за неговата евентуална одговорност.

Груби беше изведен од Обвинителството со лисици на рацете, придружуван од затворска полиција, по што беше пренесен со полициско возило кон судот. И пред судската зграда, како и претходно, остана без коментар на поставените прашања.

Груби беше прв вицепремиер во владината коалиција на СДСМ и ДУИ и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, а во повеќе наврати ја водеше и Владата во отсуство на премиерот. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk