Ова е историски момент, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста, Македонија веќе не е опфатена со пост мониторинг од страна на Советот на Европа, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– За разлика од нас, сите овие фронтранери во регионов, нели имаме фронтранери во европските интеграции или се во мониторинг или се во пост мониторинг. Пред само три-четири месеци, земја членка на ЕУ, како Бугарија, излезе од овој пост мониторинг, сега и ние излегуваме. Тоа е само признание за нивото на демократија во државата – рече Мицкоски.
Ќе ве потсетам, додаде тој, дел од вас бевте присутни пред неколку дена, кога ми беше поставено прашање дали Владата влијае на слободата на говорот.
– Еве еден најголем демант, ова е најголемиот демант за квалитетот на демократијата во Македонија и слободата на говорот, владеењето на правото и сите процеси коишто ги мониторира Советот на Европа – рече Мицкоски.
Јас сум благодарен на тимската работа, на сето она коешто го направивме, додаде премиерот.
– Тоа е уште една добра вест, покрај онаа со којашто Европската Унија го препозна проблемот со, не само камионџиите, со друмските превозници, зборувам тука и за товарниот и за патничкиот сообраќај. Но, во периодот што следи ќе има уште многу добри вести. Така што сите оние невистини, лаги од страна на опозицијата коишто беа кажувани изминатиов период и злоупотребувани, полека се распрснуваат како меур од сапуница. Но, и на оние нивни перјаници во медиумите коишто ги засилуваат лагите на опозицијата, мислејќи дека на тој начин ќе ми наштетат мене и на Владата. Еве нема поголем демант од овој којшто дојде директно од Стразбур, од Советот на Европа. Којшто вели Македонија како држава е зрело демократско општество, владее правото, нема замолкнување на слободна новинарска мисла, се почитува слободата на говорот и дека таа држава е зрела, понатаму ја гледаме како навистина зрела демократија, за разлика од другите земји од Западен Балкан. Сите се или во пост мониторинг или во мониторинг, вклучително тука зборам и фронтранерите Црна Гора, Албанија и така натаму – рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата