Силно невреме вечерва зафати повеќе градови и населени места во североисточниот и источниот дел на Македонија. Пороен дожд, силен ветер и грмежи имаше во Куманово, Крива Паланка, Делчево, Виница, Кочани и околните населени места, а од терен пристигнуваат информации за материјални штети и проблеми во сообраќајот.
На фотографиите по невремето може да се забележат расфрлани делови од покривни конструкции и друг материјал по улиците, како и паднати гранки и дрвја. На одредени места сообраќајот бил отежнат или прекинат.
Сериозна е состојбата и во Облешево, каде што по невремето има прекин во снабдувањето со електрична енергија, а регистрирани се и проблеми во сообраќајот.
Од локалната самоуправа информираат дека нивната општина повторно била погодена од силно невреме со пороен дожд и силен ветер, кое предизвикало повеќе проблеми и штети.
„Заедно со екипите на ЈПКП ‘Облешево’ веднаш излеговме на терен и ги оспособивме патиштата и улиците за непречено движење и пристап на останатите екипи“, информираат од Општината.
ЕВН, како што се наведува, е известена за бројните дефекти и прекинатите далеководи, а се очекува екипите да излезат на терен и да пристапат кон нивно отстранување.
Облешево во моментов е без електрична енергија, додека последиците од невремето предизвикале и прекини и отежнато одвивање на сообраќајот.
Кризниот штаб од раните утрински часови ќе биде на терен заедно со надлежните служби, со цел што побрзо нормализирање на состојбата и санирање на последиците.
Засега нема целосни информации за вкупната материјална штета предизвикана од невремето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата