logo
logo
logo

Стоилковиќ со честитка за Меѓународниот ден на Ромите: Почитта не е само обврска, таа е избор што го правиме секојдневно

Vecer | 08.04.2025

Стоилковиќ со честитка за Меѓународниот ден на Ромите: Почитта не е само обврска, таа е избор што го правиме секојдневно

Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ по повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите упати честитка до сите припадници на ромската заедница и порача:

„8 Април, Меѓународниот ден на Ромите е ден кој не е само симбол на борбата на ромскиот народ за еднаквост, слобода и достоинство, туку и ден за сеќавање и ден за надеж. Ден посветен на подигнување на свеста за правата и културата на ромската заедница, но и потсетник дека секој граѓанин без разлика на етничката или верската припадност има еднаква можност да учествува, придонесува и напредува.

Ромската заедница во Република Северна Македонија е нераскинлив дел од мозаикот што ја прави нашата земја толку богата и шаренолика, а Ромите се нераскинлив дел од македонското културно наследство. Таа е длабоко вкоренета во историјата и развојот на нашата земја, а нејзините членови секојдневно придонесуваат во различни сфери. Основната мисија на Министерството за односи меѓу заедниците е да гарантира заштита на правата на етничките заедници, унапредување на меѓуетничките односи и јакнење на културна кохезија во општеството, како и промоција на културните вредности, подигање на свеста за важноста и потребата од почитување на диверзитетите на културните и сите други изразувања. Ќе направиме сѐ што е потребно за интеграцијата на сите заедници и граѓани во македонското општество да не биде само празна фраза, туку и предизвик кој преку континуирана работа, искрен дијалог и вистинска волја ќе значат реализирање на визијата - општество во кое никој не е невидлив.

Министерството за односи меѓу заедниците останува силен поддржувач на ромската заедница, и не само ромската, да биде слушната и вистински вклучена во донесувањето одлуки. Сигурен сум дека таквите политики ќе ја потикнат севкупната интеграцијата на македонското општество не само на ромската заедница и дека тоа не значи асимилација, туку меѓусебно прифаќање, разбирање и заедничко градење на иднината.

Почитта не е само обврска, таа е избор, избор што секојдневно го правиме со нашите зборови, нашето однесување и нашите политики. А кога ќе го избереме почитувањето, го избираме и човечкото достоинство.

8 Април, денот на ромската заедница нека биде потсетник дека напредокот се мери не само по економски показатели, туку и по начинот на кој се однесуваме кон најранливите меѓу нас. Нека ни биде поука дека различноста е сила, а не пречка. И нека ни биде водилка во создавање општество во кое секој поединец – без разлика на потекло, вера, се чувствува достоен, безбеден и рамноправен.

На сите Роми во нашата држава и ширум целиот свет им го честитам 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите! Ви посакувам здравје, успех и уште поголема афирмација на потенцијалите на ромската заедница.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk