Вицепремиерот и еден од лидерите на ВРЕДИ, Изет Меџити посочи дека очекува Арбен Таравари сам да се повлече од владата, по одлуката да ја напушти коалицијата ВЛЕН.
- Членството на Алијанса на Албанците не сака да биде „гума за спасување“ на ДУИ. Не знам што размислувал Таравари, кои му се рамките - да биде во Влада а да соработува со ДУИ. Тоа значи директно да одработува за ДУИ, да се спречи борбата против криминалот и корупцијата. И тоа значи дека ќе работи директно против владата, а за интересите на ДУИ. И што ќе биде следниот чекор од ова? Нов закон за амнестија на криминалот како што видовме претходно?
- Очекувам Таравари по ваквиот чекор сам да се повлече, нема што да чека, изјави вицепремиерот Изет Меџити.
Тој посочи дека постои дека гласачите на ВРЕДИ се разочарани од одлуката на Арбен Таравари да се сврти кон ДУИ, бидејќи тоа би значело враќање кон политиките кои се поразени на избори и заради кои со децении во Македонија има криминал, корупција, невладеење на правото.
- Најголем дел од членството на Алијанса за Албанците на Таравари сакаат да останат во ВРЕДИ. Оваа влада работи на принципи и платформа која им ја понудила на гласачите и кои тие ја избрале. Не ги избраа ДУИ и Европскиот фронт, ги избраа ВРЕДИ, изјави вицепремиерот.
Внесување на раздор во Коалицијата ВРЕДИ е план на ДУИ кој го спроведува со месеци, посочи Меџити.
- Преку посредници и мене ми беше понудено пред Таравари да се вратам во ДУИ, дека ќе има ново раководство, дека ќе се реформираат, но мене ми стана јасно дека сакаат ВЛЕН да пропадне и не се нафатив на тој предлог. Потоа му пристапиле на Таравари и тој очигледно се нафатил. Како и зошто се нафатил не ми е јасно, бидејќи тој цела своја политичка кариера ја градеше како антипод на ДУИ, прво преку ДПА, а потоа и преку Алијансата на Албанците. И без разлика на тоа, тој во минатата власт влезе во Европскиот фронт. Јас прв му понудив да дојде со нас во ВЛЕН, бидејќи ни јас како сам, ни Алтернатива ни Беса, не бевме во можност сами да го победиме ДУИ и да имаат избор албанските гласачи, да не се приморани да гласаат за ДУИ. Потоа, за да се обедини албанската опозиција и за да не се формира нова партија Венвендосе која дополнително ќе ги раситни гласовите, Албин Курти предложи Таравари да влезе во ВЛЕН. Така и бидна, но еве сега гледаме која му е рамката на Таравари, изјави Изет Меџити.
Меџити посочи дека не може да се минимизира придонесот на Таравари во изборната победа на ВРЕДИ, но не може да се занемари и фактот што тој со излегувањето од коалицијата си ја подели партијата.
Тој повтори дека ВЛЕН е формирана за да има демократија во албанскиот блок, да има реформи за луѓето да не бегаат од Македонија, да има борба против криминалот и корупцијата и да има економски напредок на земјата.
- Не е важно кој ќе биде лидер на партијата ВЛЕН, туку како таа ќе функционира и ќе ја потврди победата кај албанскиот блок на локалните избори, рече во вечерашната Топ Тема на Телма првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.
Изет Меџити: На ДУИ не и се доволни девет партии, сега го бара и Таравари, но ВЛЕН ќе победи на локалните избори
Првиот вицепремиер во Владата, Изет Меџити, во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма ја критикуваше ДУИ за нејзините обиди да собере што повеќе партии околу себе во пресрет на локалните избори, вклучително и Арбен Таравари.
„На ДУИ не и се доволни девет политички партии. По Села, Дудуш и другите, сега го бараат и Таравари за да бидат конкуренти на политичката сцена, особено на локалните избори“, изјави Меџити.
Тој нагласи дека ДУИ, која секогаш самостојно учествувала на локалните избори, сега бара поширока поддршка. „Никогаш не се случило ДУИ да оди како коалиција на локални избори, секогаш одела самостојно. Но јас со целосна увереност велам дека ВЛЕН ќе биде апсолутен победник на локалните избори“, истакна Меџити.
Меџити: Потполно им верувам на Касами, Ибрахими и Гаши – не обединува идејата!
Првиот вицепремиер во Владата, Изет Меџити, во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма ја истакна важноста на единството во рамки на коалицијата ВЛЕН и го изрази своето целосно доверување кон политичките партнери со кои споделува иста идеја и визија.
„Јас по природа им верувам на луѓето, им верувам на пријателите. Потполно им верувам на Касами, Ибрахими и Гаши, затоа што не обединува идејата. До тука стигнавме како ВЛЕН, не сами,“ изјави Меџити.
Тој додаде дека секој обид за напуштање на овој заеднички пат ќе резултира со неуспех. „Секој што ќе се оддели, ќе се скрши и ќе биде губитник,“ нагласи тој.
Меџити: Не ја прифатив понудата на ДУИ да го напуштам ВЛЕН, она што не го постигнаа со мене, го постигнаа со Таравари
Првиот вицепремиер на владата, Изет Меџити, во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма изјави дека Демократската унија за интеграција се обидела да го поткопа единството на коалицијата ВЛЕН преку понуди за соработка.
„Ќе го кажам јавно дека понудата од ДУИ најпрво беше јас да го напуштам ВЛЕН, но јас не им ја исполнив мисијата да го уништат ВЛЕН,“ изјави Меџити.
Тој додаде дека по неуспехот со него, ДУИ се обидува да го привлече Арбен Таравари. „Она што не успеаја со мене, го пробаа со Таравари, и добро е Таравари да биде искрен со членството и да каже дека оди со ДУИ,“ потенцираше Меџити.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата