Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од денеска престојува во Брисел, каде во наредните два дена ќе учествува на собирите на Европската народна партија. Во состав на делегацијата се и генералниот секретар на партијата Драган Ковачки и членот на Извршниот комитет Стефан Андоновски.
Според најавите, делегацијата ќе присуствува на одбележувањето на 50-годишнината на Европската народна партија, како и на средбата на лидерите на ЕПП во пресрет на Европскиот совет. На собирите во Брисел се очекува присуство и на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.
Во пресрет на средбите, Мицкоски порача дека Македонија одамна заслужила да биде дел од Европската Унија, но дека тоа досега не се случило, како што изјави, поради вештачки причини. Тој повтори дека Владата останува посветена на европскиот пат, но очекува земјата да биде вреднувана според сработеното, а не според билатерални прашања.
На агендата на разговорите во Брисел се очекува да бидат прашањата за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, постепената интеграција на регионот во Унијата, Планот за раст, како и безбедносните и надворешнополитичките теми.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата