Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони.
Како што информира Министерството за здравство, според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите. Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни.
Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот, како што се наведува, ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
– Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти – појаснува министерот за здравство Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.
Македонија се подготвува за радикална промена на правилата за употреба на тутун, насочена кон заштита на здравјето на граѓаните, особено на децата и младите. Новиот предлог-закон предвидува целосна забрана за пушење во сите јавни простории, како и во приватни возила доколку се превезуваат малолетници.
Младите најзагрозени
Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, 45,4% од возрасната популација се активни пушачи, што е двојно повеќе од просекот во Европа (19,7%). Просечниот македонски пушач консумира околу 20 цигари дневно.
Особено загрижувачки е бројот на младите: 38% од тинејџерите веќе пробале цигара, а 4,1% од 11-годишниците имале искуство со тутун. Дополнителна закана се електронските цигари и уредите за загревање тутун, кои се сè попопуларни меѓу младите.
Каде ќе биде забрането пушењето?
Министерот за здравство нагласува дека целта на законот е превенција, а не репресија. Новите правила предвидуваат:
Целосна забрана во јавни и работни простории, вклучувајќи училишта, болници, спортски сали, канцеларии, хотели и комерцијални објекти. Забрана за пушење во приватни возила кога се превезуваат деца. Исклучоци само за строго дефинирани отворени простори (тераси), физички одвоени од најмалку три страни.
Крај на „скриената“ промоција на тутун
Законот предвидува и целосна забрана на рекламирање, промоции преку инфлуенсери, спонзорства и сцени со пушење во филмови и серии за млади. Продажбата ќе биде ограничена:
Забрана на производи со ароми и вкусови кои ги привлекуваат младите. Цигарите во продавниците ќе се чуваат во затворени плакари/фиоки, невидливи за купувачите. Забрана за онлајн продажба и вендинг машини.
Драконски казни за прекршителите
За да се обезбеди спроведување на законот, предвидени се високи парични казни и засилени инспекциски надзори:
За правни лица: 2.000 до 5.000 евра. За одговорно лице во фирмата: до 2.000 евра. За физички лица: од 150 до 300 евра. Инспекторите можат привремено да го затворат објектот до 3 месеци при прекршување на законот.
Останува да се види дали овие ригорозни мерки ќе успеат да го намалат пушењето и да ја сменат „културната навика“ на македонските граѓани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата